Европската унија направи чекор напред кон стекнување независност од увозот на руски фосилни горива и диверзификација на снабдувањето со енергија и зелената транзиција, откако европратениците и Европскиот совет денеска постигнаа привремен договор за REPowerEU како дополнување на националните планови за обновување и отпор.
Преговарачите од двата комисии на Европскиот парламент (ЕП), Комитетот за буџет и Комитетот за економски и монетарни прашања, постигнаа „тежок“ договор со Советот од 20 милијарди евра за мерките за заштеда на енергија, производство на чиста енергија и диверзификација на снабдувањето.
„Вечерва успешно ги завршивме преговорите меѓу ЕП и Советот. Го постигнавме она што го ветивме и REPowerEU ќе стапи на сила на почетокот на годината“, рече Зигфрид Мурешан, еден од главните преговарачи на ЕП.
„Со нови средства во износ од 20 милијарди евра, REPowerEU ќе им помогне на членките да ја намалат зависноста од руските фосилни горива и исто така да им помогне да ја забрзаат транзицијата кон обновливи извори на енергија“, додаде Муресан, од редовите на Европската народна партија (ЕПП).
Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави планот за „фер зелена транзиција во ЕУ“, REPower EU, за комплементарно европско финансирање кое особено треба да им помогне на ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија.
„Тој план е алатка која ги поддржува малите и средни компании во транзицијата кон поевтини и почисти извори на енергија“, рече првиот човек на Комисијата.
Од 20 милијарди евра грантови, преговарачите на ЕП обезбедија осум милијарди од аукциската продажба на емисиони единици во рамките на ЕТС, Системот на ЕУ за тргување со емисии на стакленички гасови, додека 12 милијарди ќе бидат доделени од Фондот за иновации.
Фондот за иновации на ЕУ е една од најголемите програми за финансирање за демонстрација и комерцијализација на иновативни технологии со низок јаглерод во светот, а е управуван од Европската извршна агенција за клима, инфраструктура и животна средина (CINEA).