Агенцијата за азил при Европската Унија денеска соопшти дека бројот на луѓе кои бараат азил во Европа го достигнал својот максимум во последните шест години и дека сириските граѓани најмногу бараат меѓународна заштита. Агенцијата соопшти дека во септември биле поднесени околу 98.000 барања за азил во 27 земји-членки на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија, колективно познати како ЕУ+.
Околу 15.500 Сиријци и 13.700 Авганистанци официјално побарале меѓународна заштита. Авганистанците се најголемата група на апликанти секој месец откако Талибанците ја презедоа власта во летото 2021 година.
Турските државјани ја сочинуваат третата по големина група, со 5.800 апликации во септември, што е историски максимум за земја во која ЕУ ги враќа потенцијалните мигранти.
Во септември, според агенцијата, забележан е и рекорден број Индијци, Бангладешци, Тунижани, Грузијци, Мароканци и Египќани.
Во исто време, голем број луѓе кои бегаат од руската инвазија на Украина продолжија да бараат статус на привремена заштита, што им овозможува краткорочен пристап до финансиска помош, домување и помош за вработување.
Агенцијата објави дека „овие симултани предизвици вршат значителен притисок врз националните системи во неколку земји од ЕУ+“.
Повеќе од еден милион луѓе, повеќето Сиријци, влегоа во ЕУ во 2015 година, предизвикувајќи една од најголемите политички кризи во Унијата досега.
Извор: МИА