Техничкиот директор на „Дигитал медија лаб“, Костадин Ѓурчинов, сведочеше како ги набавиле системот за биометриска идентификација и хардверот за Владата, но и што претходело на тендерот. Пред оваа набавка, според неговото сведочење, се сретнал со Драги Рашковски по иницијатива на Жарко Луковски. Најпрво, сведокот Ѓурчинов кажа дека фирмата во која е директор одбила да го изработи системот бидејќи немале капацитет. Потоа, Луковски му посочил дека таков систем постои и му кажал од каде да го набави.
„Со Владата имавме и уште една соработка, подоцна, кога учествувавме на тендер за изработка на систем за биометриска идентификација. Покојниот Жарко Луковски, не се сеќавам кога точно, но се случува три-четири недели по последниот состанок, ме повика и ме праша дали сме подготвени да направиме систем за биометриска идентификација. На ова одговорив дека немаме капацитет ниту квалификации квалитетно да изработиме ваков систем. Требаше да биде готов за 2-3 месеци“, рече Ѓурчинов и додаде: „Повторно до нас дојде информација, се јави Жарко и кажа дека ваков систем постои во ФИНКИ и дека на него имаат работено професори од таму и дека тие не можат да учествуваат директно на тендер, но ќе можат да учествуваат како подизведувач. Побара состанок. Организиран беше состанок со професор од ФИНКИ, кој требаше да го презентира решението што го имаат“.
Системот му бил презентиран на лаптоп, на кој биле поврзани хардверските делови.
„Наш императив беше да имаме референца во CV дека испорачуваме систем во Влада. Имаше состанок со Ивица, тој ги опиша компонентите на решението, до кој степен е решението готово. Јас побарав да видиме дека решението навистина функционира“, кажа сведокот.
Обвинителката Ивана Трајчева го праша: „Дали софтверот беше целосно изработен?“, а сведокот одговори: „Главните компоненти работеа, а ја доизработуваа дата-базата и пребарувањето во дата-базата за соодветен вектор кој одговара на отпечатокот што го пребаруваме“.
Фирмата „Дигитал медија лаб“ примила УСБ-стик со опис на решението, додаде тој.
„Тоа беше целата информација што ни беше потребна да одговориме на тендерот што беше објавен“, кажа сведокот.
Потоа, додаде дека на ФИНКИ контактирале со Ивица Димитровски, обвинетиот, кој бил и надворешен соработник во Владата ангажиран од Рашковски.
„Опремата кај нас не дојде, не ја видов. Но ова е дел од работењето кое не е во моја ингеренција. Опремата беше набавена од ‘Г.Б.Ц. системи’, решението беше инсталирано на таа опрема и однесено во Влада каде што се вршеше примопредавање на решението. Мислам дека тој (Ивица) ни кажа дека ‘Г.Б.Ц. системи’ е увозник на скенерите врз основа на кои е градено решението“, рече сведокот, кој иако беше прашан од адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, бранител на обвинетиот Димитриовски, не прецизираше кој го кажал делот дека системот е направен врз база на конкретните скенери од фирмата „Г.Б.Ц. системи“.
Жарко Луковски е поранешен главен извршен директор на „Т-Мобиле“. Тој почина од мозочен удар во ноември 2019 година. Набавката на системот преку тендер поради кој обвинет е ексгенералниот секретар на Владата, Рашковски, била во април истата година.
Претходно сведочеше и управителот на фирмата „Дигитал медија лаб“.