Меѓународните документи се анализираат и се користат

Од:

Медиумите во Република Македонија многу малку и крајно несоодветно ги искористуваат содржините на меѓународните документи што се однесуваат на Македонија. 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

На актуелниот степен од развојот на општеството за секоја држава е од исклучително значење односот на истата со  меѓународната заедница. Актите кои ги донесуваат меѓународните структури за одредена држава ја отсликуваат перцепцијата која што ја имаат другите држави за неа, служат како ориентир за односите со другите држави и како надворешен контролен механизам за она што се случува внатре во државата.

Во услови кога една држава се наоѓа во процес на асоцирање кон заедница на повеќе држави што подразбира хармонизација на правото и на практиката со веќе изграден систем на таа заедница, меѓународната контрола добива уште поголемо значење.

Документите на релевантните меѓународни структури кои се однесуваат на државата, можат да бидат извор на многу сознанија за медиумите, основа за натамошна анализа и вкрстување со други податоци и сознанија за ставовите и активностите на власта. Овие документи можат да им послужат на медиумите и за формулирање на прашања кои се упатуваат до власта.

Медиумите во Република Македонија многу малку и крајно несоодветно ги искористуваат содржините на меѓународните документи што се однесуваат на Македонија. Неретко се дава огромен простор на политички обоени перцепции на наводни научни или експертски „тинк-тенкови“, додека мислењата на исклучително проминентни меѓународни политички организации или се маргинализираат или дури се одбележуваат  со пренесување целосно несоодветни изјави на македонски политичари. Како пример може да се земе последната Резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа (Док. 13227) донесена на 7.06.2013 година.

Што е она што го пренесоа македонските медиуми во врска со оваа резолуција? Што е она што не го пренесоа? И, што е она што требаше да го направат со цел потполно искористување на содржината која ја дава Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа?

Она што е заедничко за сите е дека ниту еден медиум во своето електронско издание не понуди врска (линк) со текстот на резолуцијата. Ова е проблем кој континуирано се провлекува во македонските медиуми и најчесто е поврзан или со фактот дека ни самите медиуми не ги базираат своите известувања врз оригиналниот текст на документот кој е во прашање, или, пак, не сакаат јавноста да ја види едностраноста на известувањето со тоа што ќе има можност да го види оригиналниот документ.

Советот на Европа отвора канцеларија во Македонија

1. Голем број медиуми информацијата за донесената резолуција ја пренесоа под наслов: Советот на Европа отвора канцеларија во Скопје. Во известувањето на овие медиуми акцентот е ставен на една од препораките дадени во Резолуцијата – отворање на канцеларија на Советот на Европа во Република Македонија.

Во некои од нив е пренесена изјавата на претседателот на Парламентарното собрание, Жан Клод- Мињон “Тоа не е канцеларија за набљудување на земјата, тоа е канцеларија за работа со ЕУ за да се обидеме да развиеме проекти за соработка, како што имаме во Белград и другите земји и кои работат крајно добро“, односно, “ПССЕ ќе ја отвори канцеларијата во државава со цел да се олесни патот на Македонија кон ЕУ.“ Во најголем дел од овие медиуми, отворањето на канцеларијата е ставено во позитивен контекст и е прикажано како чекор напред во асоцирањето на Македонија кон ЕУ, односно отворањето на канцеларијата се објаснува со потребата “да ги координира активностите на Советот на Европа кои имаат за цел да ѝ помогнат на Македонија да ги задоволи обврските кон најстарата пан-европска организација.“.

Отворањето на канцеларија на Советот на Европа во Република Македонија е исклучително важен елемент во донесената резолуција, меѓутоа никако не и најважен и секако не позитивен. Секое сведување на резолуцијата на самото отворање канцеларија на Советот на Европа во Македонија, претставува своевидно дезинформирање на јавноста и одвлекување на вниманието од клучните забелешки и препораки кои се содржани во Резолуцијата.

Она што недостасува во медиумското известување тоа е анализа на самата идеја/препорака за отворање на канцеларија на Советот на Европа во Република Македонија и барање одговор на неколку клучни прашања:

  • Кој е мандатот на ваквите канцеларии на Советот на Европа во светот, односно, во кои случаи вообичаено се отвораат?
  • За каков напредок во остварувањето на реформите станува збор со повторно отворање на канцеларија ако се има предвид дека во првиот наврат слична канцеларија е отворена со цел започнување на реформските процеси во Македонија, за постепено да прерасне во канцеларија за информирање, а  во 2010 година да биде затворена со објаснување дека нема потреба од ваква канцеларија на овој степен од одвивање на процесот на асоцијација кон ЕУ?
  • Како се објаснува фактот дека канцеларии на Советот на Европа постојат во држави кои имаат отворени проблеми со остварувањето на демократските процеси и владеењето на правото (како: Азербејџан, Молдавија, Украина, Русија, Косово, Босна и Херцеговина, Грузија, Србија, Ерменија).

Само ставањето на овој податок во еден ваков контекст може да даде одговор на прашањето каква порака се испраќа до Македонија со отворањето на канцеларијата и што ова кажува за реформските процеси во Македонија.

Комплексна содржина на Резолуцијата

2. Помал дел од медиумите (или на многу помал простор) се обидоа да дадат нешто поширок приказ на содржината на резолуцијата.

Најобемно и најкомплексно известување е дадено на порталот “Либертас“, кој меѓу другото ја препознава и критиката дадена во резолуцијата. Под насловот “Остри критики од Советот на Европа за Македонија“, дадени се дел од забелешките и препораките содржани во Резолуцијата.

Само во неколку други медиуми (ПлусИнфоЛокалноТВ ТелмаНова Македонија,Фактор), меѓутоа во многу помал обем, исто така се пренесени забелешките и препораките на Советот на Европа содржани во оваа резолуција.

Најголем број од медиумите се задоволуваат со скоро идентичен текст кој се базира на информација пренесена од страна на МИА (Сител ТВРепубликаКанал5 ТВИнпрес,Телма ТВ). Дел од овие медиуми во наредните јавувања се обидуваат делумно да ја прошират оваа информација.

Резолуцијата (не) е позитивна

3. Во голем број медиуми извештајот е прикажан како позитивен. Прво, една реченица се провлекува кај најголем број од медиумите “Според усвоениот текст, Македонија  постигнала напредок во изминатите пет години, но таа треба и понатаму да работи на целосното спроведување на реформите, Охридскиот рамковен договор, правосудството, борбата против корупцијата, зајакнување на слободата на медиумите“. Во други се потенцира дека “…јасно се посочува дека Македонија треба да ги почне пристапните преговори со Европската Унија и дека нејзиното место е во евроатланските структури“.

Ни едното ни другото тврдење не соодветствуваат во потполност со текстот на резолуцијата и пораките кои со неа се испраќаат до Македонија.

Во дел од медиумите се користи методот на дебалансирано прикажување на позитивните (според нив како доминантни) во однос на негативните аспекти (според нив како помали во обем) на извештајот или, дури и отвореното невистинито прикажување на делови од извештајот. На пример, на порталот Курир се изјавува дека “особено е позитивен делот за проблемот со името каде што вината се префрла на грчка страна“. Ова од една страна претставува манипулација со јавноста дека резолуцијата е позитивна (што се потврдува со реченицата “Во извештајот опфатени се сегменти“, која создава привид за позитивен, или во најмала мера, неутрален приод во резолуцијата кон овие сегменти), а од друга страна затскрива клучен елемент поврзан со горниот заклучок – потребата Македонија да развие конструктивни односи со соседните држави.

Сличен е начинот на презентирање на извештајот од страна на ТВ Сител, каде што се спомнуваат:

  • Пораки упатени кон Грција – “Советот на Европа очекува Грција да покаже флексибилност кон решавање на прашањето за името“ (сепак, за разлика од ТВ Сител, во текстот наместо „очекува“ се вели „се надева“ што во вакви документи е огромна разлика);
  • Препораки за започнување на преговорите на Македонија со ЕУ – “јасно се посочува дека Македонија треба да ги почне пристапните преговори со Европската Унија и дека нејзиното место е во евроатланските структури.“ (нема „јасно посочување“; има „жалење што е забавен процесот“…)

(Продолжува…)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска