Дваесет и двегодишнината од независноста во знакот на спортот

Од:

Од утре до 8. септември со низа спортски настани што ќе се одржат низ целата држава ќе се одбележи 22-годишнината од независноста на Македонија. Во рамки на неделата на спортот планирано е покрај редовните спортски активности да се организраат и ревијални настани со цел да се промовира спортот и што повеќе да се анимираат граѓаните.

– Го одбравме спортот како поле преку кое сакаме да ја одбележиме 22-годишнината од независноста затоа што спортот најдобро обединува, прави кохезивна врска меѓу граѓаните. Во спортот не е важно дали си богат или сиромашен, на кој јазик зборуваш и на која вера припаѓаш. Во спортот се важни залагањето, успесите, а нацијата заеднички пулсира кога го очекува заедничкиот успех, истакна денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Презентирајќи ги планираните активности во рамки на неделата на спортот, Ѓорѓиев ги повика сите граѓани активно да се вклучат во спортските настани и во одбележувањето на годишнината од независноста на државата.

Дел од активностите ќе се одржат во главниот град, односно на борилиштата и на плоштадот Македонија, каде ќе бидат организирани повеќе ревијални настани, а неделата на спортот ќе биде спроведена и во останатите градови низ државата.

Посебен акцент ќе биде ставен и на редовните спортски натпревари кои ќе се одржат во овој период како што се фудбалскиот натпревар Македонија – Велс, ракометниот натпревар од домашното првенство меѓу „Металург“ и „Вардар“ и настапите на Македонската кошаркарска репрезентација на претстојното Европско првенство во Словенија. За таа цел ќе бидат организирани фан навивачки зони во Скопје и во останатите градови.

Утре, за сите граѓани влезот во спортската сала Борис Трајковски ќе биде слободен каде, во 11 часот, ќе може да го проследат последниот тренинг на македонската кошаркарска репрезентација и достојно да ги испратат кошаркарите пред Европското првенство во Словенија.

Од Агенцијата за млади и спорт во пресрет на одбележувањето најавија потпишување меморандум за соработка со Министерството за образование и наука и Факултетот за физичка култура за формирање Институт за спорт, како и иницирање договор за соработка во областа на спортот меѓу Македонија и Словенија.

– Манифестацијата е повеќекарактерна и се состои од свечени отворања на спортски објекти, спортски натпревари од ревијален карактер, спортски натпревари од меѓународен карактер со настап на националните тимови, училишни спортски натпревари, спортски презентации како Денот на спортот на 3 септември на плоштадот Македонија, информира директорот на Агенцијата за млади и спорт Александар Пујовски.

Спортистите и раководствата на спортските федерации изразија задоволство од иницијативата на Владата годинава независноста да биде во знакот на спортот.

Во текот на неделата ќе биде промовирана и медиумска кампања под слоганот „Нашето единство, наша победа“.

Покрај спортските настани, во рамки на одбележувањето ќе бидат доделени и наградите од областа на спортот, а ќе се одржи и свечена академија на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Одбележувањето ќе заврши со голем музички хепенинг на плоштадот „Карпошово востание“.

Би можело да ве интересира

Осум продолжени викенди за сите граѓани во 2024

Влада: Мерката за замрзнати цени продолжена до 31 јануари поради празниците

A1on

Петок пред Духовден неработен ден за граѓаните од православна вероисповед

Ана Ололовска

Денот на сесловенските просветители неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска

Националниот ден на Власите, 23 мај – неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница

Ана Ололовска

Првиот ден на Рамазан Бајрам неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска