Зголемениот број на убиени лица на протестите во Иран, вклучувајќи ја и смртта на две деца изминатиот викенд, како и сè поостриот одговор на властите на протестите во земјата, укажуваат дека ситуацијата достигна критично ниво, изјави портпарол на комесарот на Обединетите Нации, Волкер Турк.
Кабинетот на високиот комесар за човекови права наведува дека во 25 од 31 област, убиени се над 300 луѓе, меѓу кои и 40 деца.
Оттаму изразија и загриженост поради состојбата во курдските градови, каде за време на изминатата недела убиени се над 40 лица.
Иран се соочува со масовни протести од 16 септември, по смртта на 22-годишната Махса Амини, уапсена поради „несоодветна“ облека.
Техеран обвинува странски сили и нивни агенти за поттикнување на протестите, што се претворија во целосен бунт.
Поддршка на демонстрантите им дадоа и иранските фудбалери на Светското првенство со тоа што одбија да ја пеат националната химна.
Извор: МИА