Уставниот суд поведе постапка за преиспитување на законитоста на Деталниот урбанистички план за Водно Ј 07, усвоен во 2014 година. Ќе се испитува дали планот, по кој веќе се изградени многу згради и куќи, е усвоен со потребното мнозинство гласови.
„Согласно дискусијата, основната причина поради којашто Судот се одлучи за поведување на постапка е дека оспорената Одлука не била донесена со потребно мнозинство, согласно Законот за локална самоуправа. Информираме дека ова е прва фаза кога Судот формално-правно изразува сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП-от кој се однесува на Градска четврт Ј 07“, извести Уставниот суд.
Планот кој се преиспитува се однесува за деловите Капиштец, Завод за рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.
Водњанци се жалат на планот и лошите решенија во него од неговото усвојување оти не само што на секоја празна локација е предвидена градба, туку и поради тоа што е зголемена катноста, па со спојување парцели, куќите стануваат згради.
Овој план, меѓу другите, се однесува и на плацовите на Водно во продолжение на улицата Питу Гули на кои Општина Центар веќе има издадено одобренија за градење иако до нив нема пристапен пат. Подготовките за градење во овој дел почнаа лани, неколку дена пред Нова година кога инвеститорот „Маркеза“ исече дел од шумата на парцелата, а тоа го вклучи алармот кај водњанци кои појаснија дека градоначалниците на Центар им ветувале дека нема да дозволат градби во тој дел од Водно и покрај планот од 2014 година.
Имајќи предвид дека во овој дел има парцели за кои е се издадени одобренија за градење, а не можејќи да ги поништи веќе издадените, Општина Центар во јуни годинава забрани изградба на пристапен пат поради несоодветна косина на теренот и ги стопира сите градежни активности.
Ваквата одлука задоцни за жителите на улицата Партениј Зографски, над училиштето „Кочо Рацин“ каде лани во мај почна да се гради зграда во двор на соседи кои воопшто не знаеле дека државата го приватизирала дворот, но не на дотогашните корисници туку на друго лице. И покрај тоа што се жалеа, пријавуваа во градежна инспекција, во министерства, поднесуваа кривични, не успеаја да ја спречат градбата и меѓу нивните куќи, со спојување парцели, никна зграда.
Подносител на иницијативата за преиспитување на уставноста и законитоста на планот е Томе Симоновски кој наведува дека одлуката за усвојување на планот не е донесена со потребното мнозинство гласови. На седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 челнови од вкупно 23 членовите на Советот. „За“ гласале 11 членови, а еден член гласал против со што не бил обезбеден елементарниот минимум од 13 гласови „за“ колку што предвидува Законот за локална самоуправа.