ВИДЕО: На Водно ќе им никне зграда во дворот зашто соседите им го откупиле без да знаат

Од:

Маја Сотировска и Жарко Будимовски, двајцата наследници на дуплекс куќа на Водно која во 1968 година им била доделена на нивните родители заедно со голем двор, три недели се распаметени оти соседи го откупиле од државата дворот што им бил даден на користење, го споиле со нивните мали парцели и се подготвуваат за градење голем објект. Во неделата инвеститорот на новиот објект ги исече четириесетгодишните дрвја во дворот за кои Сотировска и Будимовски велат дека ги негувале нивните родители. Се обиделе да ја спречат сечата, и тие и останатите соседи, но не успеале. Се жалат дека не биле известени ниту за приватизацијата на земјиштето, ниту за сечата ниту, пак, за градбата што се планира во дворот.

„Незаконски откупиле нешто што не им припаѓа. Откако сето ова почна да се случува, утврдив дека овде има три парцели. Ми кажаа од архитектонско биро дека има три парцели, 1818 на име на ќерките на архитектот Крсте Тодоровски. Другата парцела е 1817, на Гоце Лазаревски, кој живееше до него во помалиот објект, а кој не е тука и живее на друга адреса веќе 25 години, а третата парцела е додадена, 1820. Не знаев дека е направено тоа. Ние сме имале предност за откуп на тоа земјиште“, вели Сотировска.

Таа, заедно со Будимовски, поднела барање за приватизација на дворот во 2014 година.

„Пред истекот на рокот заедно со комшијата поднесовме барање за дворната површина врз основа на користење на земјиштето и правото на владение на овој објект. Се работи, според закон, за 500 квадратни метри”, вели Сотировска.

Добиле одговор дека барањето им е нецелосно и велат дека постапиле по насоките што им биле дадени за комплетирање на документацијата.

„Да се комплетира документацијата. Недостигаше геодетски елаборат. Викнавме геометри, изработија елаборат, во меѓувреме го затуриле. Јас го имам тој елаборат. Требаше да се дополни со цедиња и да се поднесе повторно барање за имотниот лист“, објасни Сотировска.

Постапката не ја завршила поради проблемите кои ја навјасале.

„Мајка ми почина во меѓувреме. Се борев за нејзиниот живот и не ја докомплетирав документацијата. Потоа почина и брат ми и воопшто  не размислував за дворната површина, за откуп. И без работа сум со години“, се пожали Сотировска.

Сотировска и Будимовски бараат мораториум од шест месеци за планираната градба, време во кое би се утврдило на кој начин државното земјиште станало приватно. Сметаат дека Општина Центар ја прекршила постапката оти тие како први соседи и корисници на земјиштето не биле известени дека ќе има сеча и дека ќе почне изградба на нов објект. Известена била една сосетка, која се обидела, но не успеала да поднесе приговор.

„Според известувањето што е упатено само до комшиката, се чини дека овде ќе се гради, а до нас другите нема известување. Тоа е суштината, значи прекршена е законската постапка, сме требале да бидеме известени сите. Никаков допис, никакво известување од Општина Центар не е упатено до другите непосредни комшии. Само до комшиката до нас, во идентичен објект како нашиот. Жената отишла таму, ја вратиле поради ковидот. Во меѓувреме таа се разболе од Ковид-19 и почина на 30 во болница. И до ќерката е доставено известување, таа е наследничка, но жената воопшто не се изјаснила, не дала согласност. Ја вратиле и толку било“, вели Сотировска.

Осумнаестмина соседи потпишале петиција со која бараат да сопрат градежните активности

Направиле петиција потпишана од осумнаесетмина соседи кои бараат да се стопираат сите активности и да се одземе и поништи одобрението за градба на објектот. Сметаат дека Општина Центар не ја почитува законската регулатива оти издала одобрение за градба на земјиште на кое барателите немале ниту право на користење ниту право на откуп и приватизација.

Ќе никне „бетонска пирамида“, вели Жарко Будимовски еден од досегашните корисници на дворот

Откупот на државното земјиште е изненадување за сите соседи, кои велат дека го знаеле како државно оти корисниците не можеле да си дозволат да го приватизираат. Посочуваат дека приватизацијата на дворот чии корисници се Сотировска и Будимовски им овозможила на соседите кои сакаат да градат да ги спојат нивните мали парцели со него, да направат окрупнување на земјиштето за да можат да добијат одобрение за изградба на голем објект.

„Тој објект ќе биде од едниот крај до другиот крај и во широчина исто, од тука до улицата. Нема да има воопшто слободен простор освен можеби некоја патека. Мислам дека е невозможно во ваков простор со индивидуално домување, каде што објектите имаат голема дворна површина, зеленило, да се уништи зеленилото старо преку четириесет години, ореви во височина од петнаесетина метри, за да се направи бетонска пирамида во тој габарит“, вели Будимовски.

Побарале прием кај градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кај градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во „Паркови и зеленило“, но никој не одговорил на нивните барања.

Инвеститорот на новиот објект и сопствениците на парцелите не сакаа да зборуваат пред камера, но испратија известување до „А1он“  во кое велат дека ја имаат сета потребна документација која сите заинтересирани може да ја проверат во институциите.

„Нападите што ги добиваме од соседите се неосновани и тотално неточни, бидејќи и самите не поседуваат уредна имотно-правна документација согласно важечките институции, односно станува збор за имот со неизложено земјиште,  како и земјиште на Република Македонија. Сите кои имаат уредна имотно-правна документација, кои граничат со имотот, се законски известени“, стои во реакцијата од инвеститорот.

Став и објаснување за целиот случај за утре најави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Снег на Водно, во неколку града и во скијачките центри

Катерина Ѓуровски

Ангелов: Пожари на две места на Водно и искршено стакло на продавница

Томески: Изгаснат е пожарот во планинарскиот дом на Водно

Пожар во планинарскиот дом на Водно

Горан Наумовски

Момче и девојче повредени во сообраќајка на Водно

Горан Наумовски

Три девојки синоќа барале помош од ЦУК, наишле на диви свињи на Водно