Една од најосетливите теми во Македонија е чувството дека некој ги предизвикува посебноста, идентитетот и јазикот, а тоа чувство е надразнето со провокации од чинители од Бугарија, смета македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
– Доколку успееме ова да го тргнеме од дискурсот со Бугарија, а не можете да негирате дека не доаѓаат такви пораки од разни чинители кај вас по однос на територијални претензии. Ако успеме да го трегнеме ова на страна, македонските граѓани да почувствуваат топлина и пријателство од страна на Бугарија по овие прашања, верувајте дека ќе се отвори цел можен простор за соработка и за разговор по однос на работата на историската комисија, по однос на имплементацијата на протоколите и Договорот со добрососедство, одговори Османи на новинарско прашање по средбата со колегата Николај Милков во Софија.
Тој порача дека нивната втора средба за кратко време говори за нивната посветеност да го водат развојот на двете земји, посебно во економијата и меѓуграничната соработка.
– Трговската размена во овој момент е 710 милиони евра со можност да премине една милијарда. Ова е двојно повеќе од лани. Како добар пример е прекуграничната соработка каде што може да констанртираме искористеност на програмските средства од 100%. Со новиот програмски циклус одобрен од ЕУ ќе се финансира и стратешкиот проект Клепало -Струмјани во износ од 9 милиони евра кој граѓаните со нетрпрение го очекуваат, додаде Османи.
Бугарскиот министер Милков рече дека Бугарија има интерес да го врати позитивниот ред во меѓусебните односи, нешто што во последните месеци се загубило на двете страни од границата.
– Парадокс е што имаме визија како да се развиваат односите, парадокс е што имаме механизми за решавање на проблемите, каков што е Договорот за добрососедство. И во исто време да има појави кои влијаат лошо на односите. Ја знаете ситуацијата поврзана со клубови и запишувањето на Бугарите во Уставот. Ние зборувавме и за некои прашања кои фрлија сенка на добри работи како што беше трговската размена која ќе премине над милијарда евра што никогаш не се случило досега, истакна Милков.