Климатските промени забрзано ги топат замрзнатите региони во светот, а најзагрозен е летниот арктички морски мраз, кој сигурно ќе исчезне до 2050 година, се вели во извештајот објавен денеска од истражувачката мрежа на Меѓународната иницијатива за криосфера и клима.
Во извештајот се соопштува дека само оваа година на источен Антарктик врнело дожд во март кога температурите на воздухот биле невообичаено високи и дека во текот на летото Алпите изгубиле пет проценти од ледената покривка, додека во септември на Гренланд е регистриран нов рекорд на топење за тоа време од годината.
Се истакнува дека по осумте најтопли години на планетата, има се повеќе докази дека ледените региони во светот се топат многу побрзо отколку што очекуваа научниците.
Авторите на последниот извештај воспоставија дијагноза на „терминална состојба“ за мразот што се формира и плута на Арктичкиот океан секое лето.
Објавувањето на извештајот се совпадна со почетокот на самитот за климата на ОН, кој ќе трае до 18 ноември во египетското летувалиште Шарм Ел-Шеик, а арктичките активисти и домородните жители од тие региони за вечерва планираа медиумски настан со кој ќе го одбележат исчезнувањето на морскиот мраз.
Научниците истакнуваат дека светот мора да ги преполови емисиите на јаглерод диоксид во оваа деценија во однос на нивото од 2005 година и да достигне нула до 2050 година, со цел да се спречат брзите климатски промени со екстремни влијанија.
Во извештајот се вели дека дури и да се постигне ова, светските региони покриени со мраз нема да почнат да се стабилизираат до некаде помеѓу 2040 и 2080 година, а топењето на глечерите ќе продолжи повеќе од еден век пред да се забави, до 2200 година.
Извор: МИА