За божиќните и новогодишните празници, украсувањето и осветлувањето на Солун ќе биде на 7 декември, подоцна од вообичаеното, а светилките ќе се исклучуваат во 1 часот по полноќ со цел да се заштеди енергија, јави дописничката на МИА од Атина.
Градоначалникот на Солун Константинос Зервас за време на општинскиот совет го претставил планот за празниците, посочил дека се преземени мерки за значително намалување на потрошувачката на енергија, но сепак нагласил дека општината во никој случај „нема да го остави градот во мрак, ненакитен и без сјај“.
Со цел да се постигне голема заштеда на енергија за време на празничниот период, Зервас соопштил три конкретни мерки: осветлувањето на празничното украсување на градот ќе биде на 7 декември, а не на крајот на ноември; празничните светилки ќе се гасат во 1 часот по полноќ со помош на специјални паметни системи за осветлување и користење лед светилки.
Дополнително, објаснил дека оваа година потрошувачката на енергија за празничното осветлување на градот ќе биде за 58 отсто помала во однос на 2021 година.
-Нашата цел е за време на празничниот период, Солун да го претвориме во дестинација за посетители од Грција и странство. Паралелно да го разубавиме, да ја дадеме онаа празнична атмосфера што му одговара на град со амбиција, оптимизам, на динамичен европски град, рекол Зервас.
Извор: МИА