Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека е завршена „делумната мобилизација“ на 300.000 руски резервисти за борба во Украина. „Задачата што ја поставивте за (мобилизирање) 300.000 луѓе е завршена. Не се планирани дополнителни мерки“, му рече Шојгу на рускиот претседател Владимир Путин на средбата што беше емитувана на државната телевизија. Шојгу рече дека од 300.000 мобилизирани, 218.000 останале на обука, а 82.000 биле распоредени во зоната на конфликтот, од кои 41.000 во нивните единици.
Министерот за одбрана рече дека идното регрутирање за воената кампања во Украина ќе се заснова на доброволци и професионални војници наместо да се мобилизираат руски резервисти, кои се неколку милиони. Путин прогласи „делумна мобилизација“ од 300.000 резервисти на 21 септември, по серијата воени порази кои ги истуркаа руските сили од областа Харков во источна Украина и притиснаа во јужниот регион Керсон.
Овој потег предизвика егзодус на мажи на воена возраст од Русија. Десетици илјади се упатија кон земјите кои им дозволуваат на Русите да влезат без визи, вклучувајќи ги Грузија, Ерменија и Казахстан. Повеќе од 2.000 луѓе беа уапсени на антимобилизациските протести низ Русија. Јавноста беше огорчена што мажите беа мобилизирани и покрај медицинските исклучоци или недостатокот на воено искуство.
Одговарајќи на Шојгу, Путин ги призна проблемите со мобилизацијата. Рускиот претседател рече дека овие проблеми се „неизбежни“ и рече дека е неопходно да се направат „корекции“ во развојот на руските вооружени сили.