(ВИДЕО) Заев: И после 11 години стаж во владата, ништо од економијата на Груевски

Од:

Денес во земјата се живее многу тешко, а демократијата е на ниско ниво. Илјадници луѓе се без работа и се борат со сиромаштијата. Корупцијата и криминалот достигнаа невидени размери, демократските процеси назадуваат, голем број млади луѓе не гледајќи перспектива во земјата, заминаа во странство. Денес граѓаните на Македонија немаат услови за достоинствен живот, мака мачат да обезбедат елементарна егзистенција, а бедата и разединетоста претставуваат потенцијална опасност за социјалната и политичката стабилност на земјата, загрозувајќи ги на тој начин аспирациите за интеграција во Европската Унија.

Вака, Никола Груевски зборуваше за Македонија на 25 август 2006 година кога по победата на ВМРО ДПМНЕ на парламентарните избори, како претседател на Владата, се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција.

Денес, вели тој, на почетокот на осмата година на владеењето на премиерот Груевски, Македонија се соочува со егзекутирана демократија, со економија доведена пред колапс, со нарушена социјална правда, а земјава никогаш не била подалеку од членство во Европската Унија. Наместо ветените 100 чекори напред, Македонија во овие седум години галопирачки назадува.

Седумте години владеење во континуитет треба да бидат предмет на севкупна анализа и дебата во земјава за да се констатираат поразителните факти кои не одат во прилог на Република Македонија и нејзините граѓани. Но, во услови кога јавноста е замолчена, вистинските експерти маргинализирани, а медиумите под целосен диктат на власта, таквата дебата во Македонија станува невозможна мисија.

Ќе се обидам, иако е невозможно само на една една прес конференција да ги презентирам промашувања на Груевски. Ќе направам споредба помеѓу неговите суштински ветувања дадени пред седум години и денешната фактичка состојба.

Што вети, а што реализираше Никола Груевски, последниот активен транзиционен политичар на македонската политичка сцена:

Ќе почнам од економијата. ВМРО-ДПМНЕ е на власт 13 години. Никола Груевски, со стаж од цели 11 години во владата, четири како министер и седум како премиер има одлучувачко влијание во дизајнирањето на македонската економија. Токму во оваа област, пред седум години ги даде и најголемите ветувања. Но, резултатите изостанаа.

Груевски вети годишен пораст на македонската економија, односно раст на Бруто Домашниот Производ од 6 до 8%. Во ниту една година од неговото владеење не успеа да го исполни она што го вети. Просекот на раст за време на мандатите на Груевски изнесува 2,6%;

Груевски во 2006 година гарантираше постепено намалување на задолженоста на Македонија, но го правеше спротивното и стана експерт за задолжување на државата. Долгот на државата, заклучно со јуни оваа година изнесува 2,7 милијарди евра или 34,1 отсто од Бруто Домашниот Производ. Само внатрешниот долг на земјава до крајот на годината ќе се искачи на над едена милијарда евра. Обемот на „скриениот долг“ останува непознат.

За период од 7 години, владите на премиерот Груевски потрошија 17,5 милијарди евра буџетски средства, народни пари, а не решија ниту еден економски проблем.

И тоа што се инвестира се троши за непродуктивни проекти. Монструозниот проект „Скопје 2014“, кој беше предвиден да чини 80-тина милиони евра, се проценува дека ќе се заокружи на сума поголема од петстотини милиони евра. Сите нагаѓаме бидејќи нема вистински информации или отчетност за висината на потрошените средства. Штурите податоци го потврдуваат расипничкото трошење. Само за патување и ноќевање во Фиренца, владините миленици потрошиле 1,5 милиони евра.

За споредба, изградбата на еден километар автопат чини околу 1 милион евра. Значи повеќе од петстотини километри автопатна инфраструктура се зацементирани во спомениците, барокот и корупцијата на „Скопје 2014“.

Владите предводени од Никола Груевски не инвестираат во инфраструктура и ја доведоа Македонија во енергетско заложништво. За 7 години Груевски изгради вкупно 7,5 км. автопат. Приближно километар годишно. Ниту еден километар железничка мрежа. Коридорот 10 интензивно губи на значење, а коридорот 8 е чиста фикција. Благодарение на Груевски, Македонија станува транзитно изолирана земја.

Во секое свое експозе Груевски ветуваше намалување на енергетската зависност и зголемување на производството на електричната енергија заедно со интензивни инвестиции и модернизација во енергетски објекти, како и зголемување на употребата на природен гас.

Не е изграден ниту еден енергетски капацитет. Постоечките се во руинирана состоја, неефикасно и нестручно се одржуваат и се разервоар за партиски вработувања. Исто како и јавните претпријатија, се гушат во долгови. Просечното годишно производство на електрична енергија на АД ЕЛЕМ е намелно за речиси 8% во однос на периодот до 2006 година додека увозот на електрична енергија е зголемен за дури 60%, за што на сомнителен начин и низ нејасни процедури се трошат стотици милиони евра годишно. Дополнително, власта ја зголеми цената на електрична енергија и ја укина евтината тарифа што е сериозен удар врз стандардот на граѓаните.

Освен во Струмица и Куманово, користењето на гас, како најефтин енергенс за граѓаните на Македонија е мисловна именка. Помпезно најавуваниот проект „Јужен тек“ е сé уште во фаза на претпоставена реализација. Ионака сериозно осиромашените граѓани на Македонија остануваа осудени да плаќаат скапи и штетни по здравјето енергенси.

Македонија е убедлибво на последното место во регионот по атрактивност за странски инвестиции. Груевски вети зголемување на странските директни инвестиции од 300 до 400 милиони евра годишно до 2011 година и 550 до 650 милиони евра во 2015 година. Порастот на странските инвестиции никогаш не го достигна ветениот износ. После скапите реклами, „роуд шоуата”и крстосување на речиси на половина од земјината топка и потрошените, милионски суми во евра, постојано само се најавуваат инвестиции. Освен инцидентно, не само што нема интерес од странски инвеститори, туку и домашните инвеститори повеќе не инвестираат.

Власта во континуитет склучува договори со сомнителни надворешни инвеститори од профилот на Моше Баун и пропаднатиот Сведмилк, преку мистериозниот фармер Џон Парк од Флорида, па се до индиецот Субрата Рој и неговатат „Сахара груп” кои се под истрага во сопсвесната земја за финансиска измама на десетици милиони граѓани во износ од над 4 милијарди долари.

Домашните компании егзистираат на работ на опстанок. Се гушат во долгови, егзистираат под постојани закани и уцени и рекет на инспекциските органи, плаќаат неразумно високи казни, приморани се да отпуштаат вработени. Работат само фирми блиски до власта, привилегирани да ги добиваат тендерите и да потпишуваа анекс договори за владини и општински проекти. Во изминативе 7 години се создаде безобразно богатата партиска олигархија на ВМРО ДПМНЕ. Во Македонија континуирано се зголемува бројот на социјално загрозените, а се намалува бројот на невработените, не со нови вработувања, туку со бришењето од евиденцијата во центрите за вработување и со масовно иселување од државата.

На идните генерации Груевски, освен споменици им остава долгови и разорена економија.

Пред седум години Груевски најави и реформи за помала и поефикасна државна администрација и редуцирање на бирократијата. Но, денес таа е гломазна и неефикасна, а Македонија како никогаш порано се претвори во бирократска држава.

Владите на премиерот Груевски во континуитет ги зголемуваа средствата за субвенции во земјоделието, достигнувајќи вредност од стотина милиони евра. Меѓутоа ефектите се незначителни или никакви, имаат карактер на социјална помош. Учеството на земјоделието во бруто општествениот производ од 10,5 проценти во 2006-та година е намалено на 9,8 проценти во 2012-та година, вкупниот обем на земјоделско производство е намален за повеќе од 10 проценти.

Субвенциите како и земјоделското земјиште се распределуваат без јасни критериуми и најчесто служат како алатка за купување гласови на избори. Ваквата буџетска инфузуја без реални инвестиции, продуцира постојано намалување на обработливото земјиште, пропаѓање на домашното производство , зголемување на увозот на храна и постојано осиромашување на земјоделците. Најавеното намалување на стапката на ДДВ за земјоделските репроматеријали беше само една од многуте мерки без конкретен ефект за земјоделците кои денес купуваат многу поскапи репроматеријали од порано.

Наместо подобар живот, стотиците милиони владини субвенции сериозно ја загрозија егзистенцијата на чесните и трудољубиви земјоделци и ги доведоа на работ на опстанокот.

Клучно ветување на Никола Груевски беше започнување на преговори за членство со ЕУ и полноправно членство во НАТО. Во 2013 нашата земја не е членка на НАТО и се уште нема започнато преговори со ЕУ.

Република Македонија под водство на Никола Груевски токму оваа година го доживеа најголемиот пораз и неуспех во евроинтеграциските процеси. На последниот самит на Европската Унија, Македонија не успеа да влезе во ниту еден документ, не беше спомната во ниту еден заклучок додека земјите од регионот, доскорашните европски аутсајдери, интензивно чекорат напред.

Владеењето на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ го разори општественото ткиво во Македонија.

Наместо демократизација на општеството и обезбедување на слобода на медиумите и јавно изречениот збор, Македонија по медиумски слободи е рангирана полошо од Конго и Замбија.

Серијата извештаи изготвени од релевантни меѓународни институции го потврдуваат она што на сите им е јасно. Денеска во Македонија професионалните новинари се понижени, угнетени, елиминирани од етерот и јавноста. Во постојан притвор без никакво образложение се држи новинарот Томислав Кежаровски. Аматерската истрага за смртта на Никола Младенов ги разгоре сомнежите за причините за трагедијата. Македонија е земја на затворени или окупирани медиуми од страна на власта. Предложените закони од медиумската сфера, ќе значат заокружување на медиумскиот мрак и медиуми под целосна контрола и зависнот од властодршците.

Македонија е меѓу ретките земји во светот каде има политички затвореници, судските органи и органите на прогонот затвораат очи пред очигледни криминали на власта, а сите тие кои се против неа експресно се осудуваат на високи казни затвор. Во Македонија на дело е партиски, корумпиран, квази судски систем, кој поданички суди по однапред напишани обвиненија и пресуди. Едноставно, власта те тужи, власта ти пресудува.

Македонија е држава во која власта најбрутално, насилнички ги крши Уставот и законите. Земјава ја владее разулавена партиска структура која правните констатации и заклучоците на Комисијата за прекршивање на уставот и примена на сила при исфрлање на новинари и опозицони пратеници од собраниска сала ги споредува со тоалетна хартија. Власт која ужива во секојдневното силување на демократските основи на земјава.

Во Македонија не постојат институции на системот. Тие се претворени во партиски испостави на вождот и на ВМРО ДПМНЕ.

Македонија е држава каде власта провоцира внатрешни поделби, интра и интеретнички конфликти и серозно го загрозува мирот и стабилноста на земјата.

Македонија е држава на политички и економски егзодус. Стотици илјади граѓани бегајќи од стегите на Груевски ги напуштија своите родни огништа. Тие што останаа, живеат во страв, сиромаштија, едвај преживувајќи со своите плати и пензии кои по вредност се на еврпското дно.

Македонија е земја во која живеат несреќни луѓе, земја на очајот и изгубената надеж. На граѓани кои не можат да ја препознаат својата земја.

Македонија е држава во која царуваа организираниот криминал и институционална корупција инсталирани и контролирани од семејниот клан Груевски.

Ете, ваква Македонија создаде седумгодишното владеење на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ непоколебливо ќе опстои и ќе направи сé да го запре ова расипничко пустошење од страна на власта кое ја носи државата во целосен колапс.

Убедени сме дека во нашата земја може и поинаку и подобро да се живее.

Граѓаните на Македонија заслужуваат мирен и спокоен живот. Заслужуваат држава на социјална правда, економска стабилност, човекови и граѓански права и слободи, меѓусебна почит и толеранција. Држава во која пристојно ќе се живее и заработува. Ја заслужуваат Македонија како дел на европското семејство народи и нации.

СДСМ има единствена цел. Да создаде успешна Македонија. За доброто на сите наши граѓани.

Би можело да ве интересира

Шукова најави културни ваучери за млади и пензионери, концерти и театри на отворено

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанковиќ: Молк во Владата по објавувањето на скандалот со милионските проневери во Еразмус+

СДСМ: Сите припадници на АРМ се нашите херои во униформа

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да го праша Филипче дали се живее лошо во Македонија и од каде му се парите за забави на јахта со Заев

СДСМ: Цените растат постојано, трошоците за живот секој месец се повисоки, а платите стагнираат

Предраг Петровиќ

СДСМ: Злоупотребите на милиони евра од Еразмус+ водат директно до ВМРО-ДПМНЕ