Во сабота вечер само што го зедов в раце некогаш најдемократскиот изум на човештвото – далечинското, кого сакав вклучував, кого сакав исклучував, ама веќе и тие не пијат нафта, се сетија, го стокмија етерот и медиумскиот транспорт така убаво што веќе е сеедно од домашните кого ќе вклучиш. Останаа уште два телевизиски канала каде што човек може коректно да се информира што се случува. Кога – има што да видам, врви кајрон, на половина екран и вели бидете на готовс, ќе зборува премиерот, се чека неговата прес-конференција со народот. Лично Никола Груевски ќе се обрати до јавноста. Ајде сега оди да те видам исклучи го телевизорот.
Штом за време на викенд, во сабота вечер, одлучил премиерот да ни дојде на гости дома и да сподели нешто со рајата, мора да е многу важно. „Брејкинг њуз“, велат големите светски телевизии и домашните големи журналисти и водители. Запираат сите вести, или некаде почнува војна, или во прашање е голема несреќа, а може се раѓа уште еден престолонаследник на Обединетото Кралство – Велика Британија. Си велам, што ли ќе ни каже премиерот, која ли мака го натерала да го крене на нозе народецов. И оп еве ти го на екраните лично Груевски, лут, гневен, јадосан, зборува што се случило на 24 декември лани во Собранието.
Вака беше, така беше, тие лошите Македонци, изроди, нашите непријатели сакаа да направат државен удар, сакаа да ја преземат насила власта, да направат хаос, ама ние успеавме да ја спасиме државата. Иако им простивме, не ги пративме на робија за овие тешки кривични дела на уривање на демократски избраната власт, а тие и натаму аздисуваат и постојано нешто бараат. Предводени од најголемиот македонски душман и предавник Бранко Црвенковски, го нападнаа Собранието, загрозувајќи ги животите на полицијата и на граѓаните.
Во спрега со непријателските пратеници распоредени внатре во парламентот го донесоа во опасност животот на претседателот на парламентот, нашиот драг Трајко Вељаноски, ги загрозија и животите на нашите мили новинари кои со децении следат седници во погрешна галерија, ги вознемирија нашите мирољубиви пратеници кои никогаш не направиле ниту еден инцидент во парламентот, ниту ја блокирале неговата работа, ниту, пак, некој вмровски лидер или политичар организирал протести пред Собранието, или посакал насилно да влезе во него. Ете затоа безбедносните сили мораа да интервенираат во парламентот и да ги расчистат работите, онака благо покроце и со малку ќотек, да се стави, конечно, ред и да се спречи хаосот. Бидејќи не сакаат да признаат дека така беше, ајде на избори уште утре, па народот нека каже како беше. Ве чекам на 13 октомври на мегдан. Кој ќе победи на избори, тој ќе напише што се случило во Собранието на 24 декември лани.
Целата колумна на Ерол Ризаов можете да ја прочитате на следниот линк.