Зоран Заев како премиер бил запознаен дека се набавува софтвер за определување на просечна брзина во сообраќајот и изрекување на казни. Обвинителството има докази со кои се побива нивниот став дека немало технички прием на софтверот, како и одлука за негова набавка. Тезата дека софтверот е набавен за МВР е неточна. Ова се неколкуте тези на ексгенералниот секретар Драги Рашковски кој останува на ставот дека сето ова ќе го докаже со документи. Според него и неговиот адвокатски тим, потврдно е дека не е направена никаква штета на буџет, како што посочува Обвинителството.
„Имате изјава на премиерот каде вели дека е запознаен со набавката. Уште повеќе што ќе може да ви го доставиме доказот 376. Премиерот писмено се има изјаснето кога Државно правобранителство побара да се изјасни. Премиерот вика да се е набавено за потребите на Владата, се е инсталирано, нема штета, се работи, нема никаква штета на буџетот“, посочува Рашковски на брифинг со новинарите.
Тој во неколку наврати посочи дека не бара да му се верува на збор, бидејќи за сѐ има докази со кој докаже дека не е виновен.
„По завршување на доказната постапка од Обвинителство, ќе го потврдиме тоа. Потоа ќе одиме со афирмативен пристап, со докази и сведоци од наша страна, со цел, не да издвојуваме победа, туку да дојдеме до еден прогрес. Прогрес кој ќе значи не само борба за правда, туку прогрес кој ќе значи еден нов начин на презентирање и водење на доказна постапка од обвинети лица и да завршиме со круната – фактично презентирање на она што е набавено“, кажа Рашковски.
Ексгенералниот секретар на кого му се суди за нелегална јавна набавка и незаконско делење хонорари, посочува: „Она што е во ваков случај светиња е материјалниот доказ. Компромис со вистината нема кога станува збор за материјални докази“.
Тој имаше три пораки до јавноста.
„Неточна е тезата дека за предметната јавна набавка за софтвер, не постои одлука за набавка. Тоа е одлука донесена во законска процедура, донесена од надлежен орган, и е единствениот документ врз кој вие може да спроведете јавна набавка. Се останато донесено надвор од оваа процедура е прекршување на Законот за јавни набавка. Одлуката е донесена од Генерален секретаријат, односно јас како генерален секретар. На судското рочиште оваа теза ќе ја докажеме“, кажа Рашковски.
По ова додаде: „Втората неточна теза на Обвинителството, кое успешно ја пласира, а тоа е дека софтверот е набавен за потребите на МВР, а гледате дека е за потребите на Владата. Тезата е извртена бидејќи единствена точка на која може да се вадат на моментот е пласирање на дезинформации. Постои одлука според која што софтверот е набавен. Одлуката е направена од единствениот кој тоа можел да го направи“.
Ја објасни и третата теза за која рече: „Се пласира е дека не постои техничко исправен предаден софтвер. Таа теза повторно се наметнува по мене од некој мотиви се со цел во недостаток на аргументи да се дојде до оцрнување, да се дојде до пласирање на дезинформации, правење на некое јавно мислење дека тоа што е набавено е нефункционално. Таа теза е од сведочење на лице кое во предметот е вешто лице, меѓутоа може да се обратите и до Влада, односно ќе видите и на самото рочиште презентирање на функционалностите на системот, дека е инсталиран на сервери од Телеком, многу порано од крајниот рок. Пак ќе кажам, не барам да ми верувате на збор“.
Рашковски најави и кривични пријави за ИТ вештакот Мане Пиперески кој кажа дека софтверот не можел ниту да се вклучи, но и за вештакот Биљана Киселчки која го работеше материјално-финансиското вештачење бидејќи, како што рече: „… анализирала, а немала комплетна документација, пишувала претпоставки“.
Тестирање на софтверот ќе бара да се врши јавно.
„Дека е се реализирано согласно законот, доказ е Записникот за технички прием. Во него е наведено што се предава, кои се функционалностите и дека заедно со предавање на самиот софтвер, се предава и изворниот код. Тоа е важен момент бидејќи изворниот код е развојна компонента на останатите кои ќе продолжат да го надградуваат. Затоа што знаете дека ако го немате изворниот код, ќе добиете нешто што не можете да го менувате. Оттука е нејасно и за нас како одбрана и тврдењето на Обвинителството дека не постои одлука за набавка на софтверот, дека не постои технички прием на софтвер односно технички исправно софтверско решение. Третиот доказ кој ви го давам е листата на докази од Обвинителството. Самото Обвинителство ги предава, тие што велат дека не постојат. Јас ќе ви ги доставам. Еве ги листата на докази, уверете се сами. Имате можност за комуникација со другата страна односно Обвинителство за да ги прашате дали ги предложиле овие докази од нивна страна. Дали постои одлука и дали е доставена, дали постои записник за примо-предавање. И да прашате дали ние имаме предложено реконструкција самиот случај“, кажа Рашковски.
Ексгенералниот секретар најави дека ќе бара од судот, Владата да ја донесе целата набавена опрема во судница, за да се види дека постои. За Муахмед Зеќири, кој е наследник на функцијата генерален секретар по Рашковски, обвинетиот вели дека има доказ со кој може да се констатира дека е утврдено примопревање на софтверите.
„Мојот наследник вели не знаел, иако тоа се основни средства (софтверот, камерите, кабини) со кои треба да располага. Со сведокот од ИТ се испостави дека софтверот е инсталиран и постои на системот на Влада. Треба секој да се запознае со тоа што е основно средство. Четвртата точка е допис од наша страна како доказ, бидејќи Обвинителство го има добиено, но го нема предложено во доказите. Тоа е дописот под арх. 45-3576/11, кој што доказ, поради постапката, можам само наративно да ви го кажам дека со потврда од Мухамед Зеќири се вели дека примопредавање е извршено на софтверите и дека се инсталирани на сервери сопственост на Владата на РСМ. За да се утврди дали постојат софтверите имало вонреден попис и е утврдено дека целокупната опрема набавена, постои во Владата. Не само што ќе докажеме, туку ќе бараме од судот, да наложи Владата да ја донесе опремата во судница. Дека за сето ова не е предавање на апстрактни вредности, апстрактни набавки, туку дека станува збор за нешто што е врвот на технологијата кое што уште кај нас не е стасано. Во Србија пред два месец, два дена, пушти ваков систем кој е далеку далеку комплетно различно ниво на квалитет, од она што ние го имаме како држава во сопственост“, додаде Рашковски.
Прашан како неговата сопруга Вероника Рашковска, возела автомобил на фирма од која компаниите добитници на тендерите ги набавувале продуктите, тој кажа дека нема ништо спорно.
„Компанијата која е наведена (ГБЦ) не е договорен одговор некаде ниту е некој од Влада има добивано средства. Затоа да не брзаме со оваа теза. Првично тезата дека некој возел некакво возило од 80 илјади евра не е точно. Фирмата, според нивното вештачење, средствата кои ги добивала не можела да купи возило. Возењето пак ќе кажам, било кој од нас може да земете нечие возило. Тоа не е недозволено“, додаде Рашковски.
Тој додаде дека софтверот го набавил по претходна анализа.
„Секаде во светот кога почнувате да правите јавна набавка, правите анализа. Направена е анализа за да се утврди каде ние како држава сме моментално во однос на сообраќајните прекршоци. Како држава ние сме на дното во рамки на Зимбабве, Гана, по бројот на луѓе кои загинуваат од сообраќајни несреќи. Има студија во светски рамки како вакви софтвери допринесуваат. И вели дека бројот на починати лица со софтвер кој е далеку од ова што ние го имаме направено се намалува за 50 отсто. Во просек 160 луѓе гинат во државава во сообраќајки. 50 отсто од 160 знаете што значи. Кажете дали не вреди… Софтверот треба да детектира вистински извршители на сообраќајни прекршоци, наспроти евендитираните. Од анализите, софтверот е неколку пати пуштен да прави анализи. На Партизанска беше во октомври, регистрирани се 240 возила, од нив 120 направиле прекршоци“, додаде тој.