За пет дена тројца лекари заминаа од „Ре–Медика“: Ставридис, Димитров и Арсовски преминаа во „Систина“

Од:

Тројца лекари во последните пет дена преминаа од „Ре-Медика“ во „Аџибадем Систина“. Според објавите на „Систина“ прв од „Ре-Медика“ заминал специјалистот по урологија Сотир Ставридис, кој работи и на државната Клинка за урологија. По него од „Ре-Медика“ си замина и медицинскиот директор, торакалниот хирург Андреја Арсовски, а од вчера во тимот на „Систина“ е и Глигор Димитров, гинеколог-акушер кој во „Ре-Медика“ беше шеф на одделот за гинекологија и акушерство.

Лекарите не сакаат да зборуваат за причините за трансферот. Професорот Арсовски преку „Фејсбук“ пред два дена ги извести пациентите дека има ново работно место од каде ќе продолжи да се грижи за пациентите и се заблагодари на тимот од „Ре-Медика“ за долгогодишната соработка.

„Се работи за конјунктура на пазарот, кој ќе плати повеќе“, вели директорката на „Ре-Медика“ Елица Јорданова

 

Генералната директорка на „Ре-Медика“, Елица Јорданова, вели дека лекарите си поднеле оставки од кај нив за повеќе пари.

„Се работи за конјунктура на пазарот, кој ќе плати повеќе. Ставридис кај нас не беше вработен, имаше само дополнителна работа па кај него и не се работи за оставка. Арсовски десет години имаше асистентка која веќе има доволно искуство за да ја преземе работата, а млади доктори веќе го покриваат и одделот гинекологија. На ова гледаме како на природен процес со кој ќе им дозволиме на младите лекари да направат исчекор, секако Арсовски и Димитров беа пред пензионирање“, рече директорката за Јорданова за „А1он“.

По објавите во неколку медиуми дека „Ре-Медика“ ќе добие нови сопственици, односно дека ќе ја преземат поранешниот министер за здравство Венко Филипче и семејството Заеви, Јорданова минатиот месец за „А1он“ рече дека засега не се планира промена на сопственичката структура на болницата и демантираше дека болницата најавила дека ќе ја напуштат лекарите кои не сакаат да работат со новите сопственици. За секои промени, Јорданова рече дека јавноста навреме ќе биде известена, преку официјално соопштение.

„А1он“ за објавите за преземањето на болницата побара став и од поранешниот премиер Зоран Заев.

„Навистина не сфаќам зошто оваа тема е воопшто излезена. Во моето семејство нема дејности од областа на здравството за воопшто моето име и името на моето семејство да се поврзуваат со која било здравствена установа, вклучително и со ‘Ре-Медика’.Посебно не сфаќам како тоа вработените се чувствуваат загрозени од мене и моето семејство. Отворено ги демантирам тие дезинформации и по којзнае којпат потврдувам дека нема ништо точно во шпекулациите и лагите дека јас или некој од семејството Заеви ја преземаат болницата ‘Ре-Медика’“, изјави Заев на почетокот на минатиот месец за „А1он“.

Тројцата нови лекари Клиничката болница „Аџибадем Систина“ изминативе пет дена ги претстави на пациентите со објави на официјалниот „Фејсбук“ под мотото „Запознајте го нашиот тим“.

Од таму велат дека континуирано инвестираат во најнова медицинска технологија и докажан кадар.

„Како болница која е веќе 12 години докажан лидер во здравствениот сектор, ‘Аџибадем Систина’ со своите капацитети и услови за работа е предизвик за секој здравствен работник кој сака да го даде својот максимум во својата област. Официјално од месец октомври на наше големо задоволство можеме да кажеме дека се приклучија  проф. д-р Глигор Димитров – специјалист по гинекологија, проф. д-р Андреја Арсовски – специјалист по градна хирургија и проф. д-р Сотир Ставридис – специјалист по урологија. Секој од нив претставува експерт во својата област, а зад нив стои долгогодишно искуство и бројни задоволни пациенти“, велат од „Систина“ за „А1он“.

Заедно со тројцата лекари од „Ре-Медика“ нов во тимот на „Аџибадем Систина“ е и специјалистот Младен Ристески, кој доаѓа од  Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“  од Чаир.

Би можело да ве интересира

Убиство пред Поликлиниката Железара во Скопје: Доктор избоден со нож

A1on

ВИДЕО: Бесплатен третман до 18 години за 20.000-тото бебе родено во „Аџибадем Систина“

Маја Илиевска-Пачемска

„Аџибадем Систина“ реагира на лажен повик за донации што се шири на социјалните мрежи

Жарко Настоски

„Жан Митрев“ ќе ги намали цените за лекување од Ковид – 19, за „Систина“ намалување нема економска логика

Маја Илиевска-Пачемска

Отворена нова педијатриска болница на „Аџибадем Систина“

Жарко Настоски

Двајца доктори сопружници од „Систина“ позитивни на Ковид-19

А1он