Шкотската премиерка Никола Старџен изјави дека е уверена дека вториот референдум за независност на Шкотска може да се одржи во октомври следната година. Британскиот Врховен суд во вторник започнува со сослушување на аргументите за дозволување гласање за отцепување без одобрение на британската премиерка Лиз Трус и нејзината влада.
На плебисцитот во 2014 година одобрен од британската влада, Шкотите ја отфрлија независноста со 55 проценти. Сепак, Шкотската национална партија тврди дека гласањето за напуштање на Европската унија две години подоцна ја променило ситуацијата.
Старџен тврди дека гласачите на изборите за шкотскиот парламент минатата година ги поддржале партиите за независност и дека се обврзани да поднесат предлог-закон за одржување референдум на 19 октомври 2023 година.
Запрашана за време на интервјуто за ТВ Би-Би-Си дали е сигурна дека тоа ќе се случи, Старџен рече: „Да, уверена сум дека тоа може да се случи. Да почекаме да видиме што ќе каже судот. Уверена сум дека Шкотска ќе стане независна“.