Министерот за економија Крешник Бектеши не ги слуша барањата на граѓаните да ги замрзне цените на производите место маржите, оти практиката со замрзнување на маржите се покажа дека не го сопира растот на цените. Со замрзнати маржи, дел од основните продукти ја дуплираа цената последниве три месеци, па граѓаните бараат место маржата, да се одредат највисоки цени на производите кои трговците нема да смеат да ги надминат.
Од Министерството за економија на прашањето дали размислуваат за замрзнување на цените на производите место маржите одговорија дека цената веќе ја контролираат.
„Со примена на трговските маржи како инструмент за контрола на цените се врши ограничување на цените бидејќи во висината на трговските маржи се опфатени трговскиот профит и оперативните трошоци на трговците. На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци“, стои во одговорот од кабинетот на министерот за економија Бектеши за „А1он“.
Министерот Бектеши најави и дека ќе ја прошири листата на прехранбени производи со замрзнати маржи. Од неговиот кабинет велат дека оценката дали да се прошири листат ќе ја направи државниот пазарен инспекторат.
„Врз основа на состојбата на терен при инспекција кај трговците на големо и трговците на мало кои вршат продажба на основните прехранбени производи од страна Државниот пазарен инспекторат ќе се оцени дали ќе се прошири опфатот на производи за кои ќе се пропише трговска маржа“, велат од Министерството за економија.
Додека министерот чека Државниот пазарен инспекторат да направи оценка дали да се прошири листата, од Инспекторатот велат дека од нив никој не побарал да се анализираат маржи и цени на дополнителни производи.
„До нас нема официјално стигнато барање да направиме анализа на цени и маржи на дополнителни прехранбени производи. Доколку Министерството ни достави листа кои производи да се анализираат, нашите инспектори ќе утврдат која е цената, кои се маржите и ќе доставиме информација. Последни производи за кои го направивме ова беа пелетите и огревното дрво и за нив се ограничи маржата“, вели Анета Симеска-Димоска за „А1он“.
Маржите на пелетите и на огревното дрво на 10% беа замрзнати во август годинава, а од јуни ограничени се маржите на лебот, шеќерот и сончогледовото масло на 5% и на пченицата, макароните, шпагетите, оризот и кравјото млеко на 10 %.