Документите објавени од поранешниот соработник на ЦИА Едвард Сноуден покажуваат дека американската Агенција за национална безбедност (НСА) систематски собирала разузнавачки информации од канцелариите на ЕУ во Њујорк и Вашингтон, успеала да добие пристап до внатрешни видео конференции на ОН, а седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена било меѓу приоритетните цели за шпионажа, објави германскиот весник „Шпигел“.
Во април годинава НСА разработила таблица на приоритети, од највисокиот означен со еден до најнискиот, означен со број 5. На листата се нашле државни и меѓународни институции. Русија, заедно со Иран, Северна Кореја и Кина добиле единица, а ЕУ тројка покажува листата. Во однос на ЕУ вниманието на НСА било насочено кон финансиската стабилност, трговските врски и надворешната политика на унијата. Со број 2 на листата се нашле информациите од ОН.
Според „Шпигел“ технички службеници на НСА во 2012 година влегле во мрежата на ОН и обезбедиле пристап до внатрешни видео конференции на организацијата.
Највисок приоритет за НСА претставувале потенцијални информации од седиштето на МААЕ во Австрија. Со еден биле означени податоците на меѓународната агенција, за контрола на нуклеарната енергија.