Екипата на Наполи, чиј дрес го носи македонскиот репрезентативец Горан Пандев, викендов, во првото коло во Серија А на домашен терен ќе ја пречека Болоња, јави „Макфакс“. Во пресрет на сезоната Пандев, во интервју за радиото „Kiss Kiss“ изјави дека по одличите игри во минатото првенство, целта на Наполи во новата сезона ќе биде освојување на шампионската титула.
– Подготвени сме за стартот на сезоната. Сакаме да стартуваме добро, добро работевме во изминатиот месец и се надеваме дека ќе победиме. Минатата сезона игравме одлично, но оваа година наша цел е освојување на Скудетото. Сакаме нашите навивачи да бидат среќни, бидејќи тие го заслужуваат тоа – изјави Пандев. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација проговори и за соработката со Гонзало Игуаин, тој во тимот го замени Единсон Кавани, кој замина во Пари Сен Жермен.
– Гонзало е многу талентиран играч, сите ние ќе му помагаме за тој да постигнува погодоци. Но, не е важно кој ќе постигне гол, важно е екипата да победува. Сите играчи во тимот се важни – изјави Пандев и дополни дека подготвен го очекува стартот на сеозната. Напаѓачот на Наполи, кој со Интер има титула во Лигата на шампиони, рече и дека очекува тимот да постигне добар резултат во елитното натпреварување, во што многу ќе помогнат и засилувањата кои имаат големо искуство во ова натпреварување.