Денеска почнува генералната дебата на ГС на ОН

Од:

Светските лидери од денеска ќе се обраќаат на Генералната дебата на 77-та сесија на Генералното собрание на ОН во време кога светот е зафатен од климатски катастрофи, несигурност со храна и војни, а и самите ОН минуваат низ длабоки поделби.

Во текот на една недела, околу 150 шефови на влади и држави од целиот свет треба да се обратат на големиот годишен дипломатски собир, кој се одржува во живо по две години работа од далечина поради Ковид-19.

Традиционално, на првиот ден од дебатата прв говори претставникот на Бразил, а потоа американскиот претседател, шефот на државата каде што е седиштето на ОН. Меѓутоа, по исклучок оваа година, како што се случуваше во многу ретки случаи во минатото, американскиот претседател Џозеф Бајден, кој вчера присуствуваше на погребот на британската кралица Елизабета Втора, го премести обраќањето за утре. Неговото место ќе го заземе претседателот на Сенегал Маки Сал.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ќе се обрати на отворањето на 77-то Генерално собрание, а неговиот портпарол Стефан Дијарик рече дека шефот на ОН ќе зборува за свет во кој геополитичките поделби „доведуваат се во опасност“.

– Се собираме во момент на голема опасност за светот, рече вчера Гутереш, наведувајќи ги конфликтите и климатските катастрофи, поделбите, сиромаштијата, нееднаквоста и дискриминацијата.

Се очекува климатската криза да има важно место во обраќањето на Гутереш. Еден од приоритетите на Гутереш е борбата за намалување на емисиите на стакленички гасови, а особено емисиите од производителите на фосилни горива.

Опасностите од руската инвазија на Украина ќе бидат во центарот на оваа дипломатска недела на високо ниво, а украинскиот претседател Володимир Зеленски утре ќе зборува преку видео врска. За вакво обраќање беше потребна посебна дозвола од земјите-членки, бидејќи според прописите, сите лидери мора да се обратат во живо.

Земјите од југот се повеќе се плашат дека Западот го концентрира своето внимание на Украина. Тие сакаат светот да се концентрира и да се обиде да стави крај на конфликтите во Тиграј, во Сирија и на други места во светот.

Во обид да одговорат на загриженоста на некои земји, Американците и Европејците денеска организираат средба на високо ниво за безбедноста на храната, која е доведена во прашање како резултат на војната во Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој денеска ќе говори на генералната дебата, ќе инсистира на потребата да се спречи поделбата меѓу земјите од северот и југот, соопшти Елисејската палата. Макрон ќе организира и тематска вечера со уште неколку лидери.

Покрај бразилскиот претседател Жаир Болсонаро денеска ќе говорат и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јапонскиот премиер Фумио Кишида и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, исто така, оваа недела е во Њујорк на неговото прво Генерално собрание и нуклеарното прашање би можело повторно да биде тема на разговор.

Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг не учествуваат на генералното собрание на ОН.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Полјански: Труењето со осиромашен ураниум ќе прогонува 60 идни генерации на Балканот

Советот за безбедност на ОН не ја усвои американската резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа

Од почетокот на војната речиси 20.000 деца се родиле во пеколот на Газа

А1он

ОН: Газа станува гробница на луѓето заробени меѓу војната, опсадата и сиромаштијата

ОН: Израелската опсада на Газа и наредбата за евакуација може да претставуваат меѓународно злосторство

Нови тајни документи: САД го шпионирале шефот на ОН, неговите разговори беа објавени

Ана Ололовска