Советот за безбедност на Обединетите нации ги осуди нападите во Либан, во кои во експлозии на два автомобили-бомби загинаа над 50 лица.
Во соопштението се наведува дека Советот за безбедност „остро ги осудува терористичките напади“ во северниот либански град Триполи и се додава оти е неопходно одговорните да се изведат пред лицето на правдата.
Петнаесетчлениот Совет апелираше со сите Либанци да го сочуваат националното единство пред обидите да се загрози стабилноста на нивната земја.
Во соопштението се истакнува и потребата сите страни во Либан да ја почитуваат политиката на својата земја за немешање во внатрешните работи на Сирија и да се воздржат од какво било вклучување во тој конфликт.
Инцидентот во Либан го осуди и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, кој ги повика сите граѓани на Либан да бидат воздржани, да останат обединети и да ги поддржуваат своите државни институции, особено силите за безбедност, во одржувањето на редот и мирот во Триполи и во целата земја.