По двата силни кибер напади албанската влада одлучи да инвестира 24 милиони долари за зајакнување на кибер одбраната.
Веста ја соопшти министерот за одбрана Нико Пелеши, кој порача дека нема место за паника бидејќи Албанија како земја членка на НАТО не е под закана, јави дописничката на МИА од Тирана.
– За првпат го споделувам со јавноста фактот дека нашите воени кибер-системи не беа погодени ниту првиот пат, ниту сега. Ние сме повеќе од заштитени бидејќи системите се одвоени од другите системи. Што се однесува до плановите и проектите на кои работиме за подигање на кибер безбедноста на повисоко ниво, спроведуваме многу голем проект вреден 24 милиони долари поддржан од партнери, кој има за цел да формира центар за кибер безбедност и да го обучи персоналот. Ние не сме во ниту едно можно сценарио за нарушување на нашиот суверенитет. Ние сме членка на НАТО, ние не сме под закана, рече Пелеши.
Албанија беше жртва на два последователни кибер напади. Од првиот напад на 15 јули беа хакирани владините онлајн страници и онлајн платформата е-Албанија, додека на 9 септември ТИМС системот на сите гранични премини.
Зад нападите стоеше Иран, по што Албанија ги прекина дипломатските односи и го протера персоналот на иранската амбасада во Тирана.