Енергетската криза влијае негативно на целиот занаетчиски сектор, целиот сектор е во криза затоа што ресурсите кои се користат во занаетчиството се поскапени, репроматеријали за работа, електричната енергија, како и негативното влијание на дефицит на стручен кадар за вршење на занаетчиска дејност, велат од Занаетчиска комора.
„Занаетчиството е сектор каде функционираат бизниси како самостојни вршители на дејност но и бизниси кои имаат вработени и на кои им е неопходнo олеснување на трошоците за електрична енергија затоа што се потрошувачи на електрична енергија во процесите на вршење на занаетчиска дејност. Занаетчиите ја користат електричната енергија како ресурс за вршење на дејност односно вклучување на алатот за работа, затоплување и ладење на занаетчиските работилници.
Занаетчиска комора Скопје предлага како подолгорочно решение во однос на намалување на трошоците за енергија на занаетчиите да се сметаат како потрошувачи на енергија во категоријата домаќинства, затоа што занаетчиството не е индустрија“, соопштува Занаетчиска комора.
„Поради погоренаведеното сметаме дека во тарифниот систем на продажба на електрична енергија на потрошувачите занаетчиите регистрирани согласно Законот за занаетчиство (Сл. Весник на РСМ бр.215/15) треба да се иземат од тарифата ”останата потрошувачка” и да влезат во тарифа за домаќинствата, а не да се тарифираат во категорија останата потрошувачка со која се израмнети и со најголемите индустриски гиганти.
Занаетчиска комора Скопје достави предлог до Владата на РСМ и надлежните министерства за субвенционирање на дел од сметките за потрошена електричната енергија за занаетчиите во периодот од октомври 2022 до мај 2023 година со цел занаетчискиот сектор да го издржи овој период на енергетска криза.
Доколку не се субвенционираат занаетите на кои им е потребна подршка во овој период, голем дел од нив ќе престанат да вршат дејност и ќе ги затворат своите бизниси, ќе добиеме негативни резултати зголемување на невработеноста и сивата економија во занаетчискиот сектор која е брзорастечка во споредба со формалната економија“, се вели во соопштението на Занаетчиската комора.