Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека не очекува да се потпише нуклеарен договор со Иран во блиска иднина.
Тој додаде дека Иран нема причина да не го потпише договорот и оти европските земји ќе останат „трпеливи“.
– Европските земји дадоа предлози и сега нема причина Иран да не се согласи со нив, но мораме да го земеме предвид фактот дека тие сè уште не се согласуваат, така што тоа сигурно нема да се случи наскоро, иако извесен период изгледаше дека ќе биде. Остануваме трпеливи, но остануваме и јасни: Иран мора да биде спречен да има способност да развие нуклеарно оружје, рече Шолц по разговорите со израелскиот премиер Јаир Лапид, кој инсистираше на тоа дека обновувањето на договорот од 2015 година ќе биде грешка.
САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година за време на мандатот на Доналд Трамп и повторно воведоа санкции кон Иран, па Техеран почна да ги крши точките од договорот.
Германија, заедно со Франција, Велика Британија, Русија и Кина, останува страна во договорот и е вклучена во разговорите за негово заживување кои не напредуваат повеќе од една година.