Србија и е потребна на Европската унија и затоа Унгарија ќе го поддржи што поскоро пристапување на Западен Балкан во Унијата, изјави во Белград унгарската претседателка Каталин Новак.
„На Европската унија и треба Србија, а не само обратно. Затоа ние ќе го поддржиме пристапувањето на Србија и другите земји од Западен Балкан што е можно поскоро и би ни било драго да видиме тоа да се случи што е можно поскоро. “, изјави Новак по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува агенцијата Бета.
Новак рече дека се надева оти доделувањето кандидатски статус на Украина и Молдавија ќе го забрза процесот на европска интеграција на Западен Балкан. Според неа, Србија презела многу сериозни чекори за да одговори на сите барања на ЕУ.
Таа додаде дека пристапувањето на Србија во Шенген зоната ќе го намали метежот и ќе го олесни преминувањето на српско-унгарската граница.
Новак оцени дека војната во Украина нема наскоро да заврши и посочи дека Унгарија ги поддржала сите пакети санкции, но дека поради последиците од санкциите претстои тешка зима не само за Русија, на која и беа воведени санкциите, туку исто така и за цела Европа.
Новак ја презеде функцијата унгарски претседател во мај 2022 година и доаѓа од партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.