Со влошување на сушата и рекордниот пораст на глобалните цени на храната, се очекува глад во делови од Сомалија меѓу октомври и декември, предупредија денеска Обединетите нации.
– Гладот е пред врата, изјави заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс на прес-конференција во главниот град на Сомалија, Могадишу.
Тој објасни дека има конкретни показатели дека до есен ќе има глад во делови од јужна и централна Сомалија.
Рогот на Африка ја доживува својата најлоша суша во последните 40 години, а експертите велат дека регионот е на пат да ја забележи својата петта последователна година без дожд во она што вообичаено е дождовна сезона.
Грифитс рече дека сегашните „ситуации и трендови“ личат на оние од 2010 и 2011 година, но сега се „полоши“, поради четирите неуспешни сезони на дождови и децениските конфликти.
Во 2011 година, земјата доживеа глад кој однесе повеќе од четвртина милион животи, од кои повеќето деца.
Извор: МИА