РК Вардар нема да има шанса да се бори за рекордна шеста титула од регионалната СЕХА лига, откако во Скопје не успеа да го победи хрватскиот Нексе од Нашице, губејќи со 30:32 (12:15), по изведувањето на пеналите, откако македонскиот шампион имаше импресивно враќање во финишот на мечот и пропушти шанса за победа во регуларниот дел.
На Фајнал фор турнирот во Задар, Хрватска, веќе се квалификуваа ППД Загреб и Веспрем, а во четврток ќе го дознеме и четвртиот учесник, кога Пелистер ќе го пречека белорускиот Мешков Брест.
По израмнетиот старт на мечот, Нексе ја презеде контролата и на одмор замина со три гола предност (15:12), а во второто полувреме „црвено-црните“ да се вратат на гол-негатива до финишот на мечот, кога го презедоа водството со 27:26, за во интересна завршница, Нексе да израмни на 28:28, за Вардар да не успее во последниот напад преку Талески и да се отиде директно на изведување на пенали.
Карапалевски и Чувара беа сигурни за Вардар на стартот, пред обидите на Талески и на Ѓукиќ да завршат во рацете на голманот Радовановиќ, запечатувајќи го пласманот на Нексе, кои во полуфиналето ќе играат со хрватскиот ривал, ППД Загреб.
Филип Талески заврши со 11 гола, Дејан Манасков имаше 8, додека за хрватскиот клуб, новото засилуваање Иван Сршен беше најефикасен со 8 гола.
Извор: Топспорт