Најмалку 13 лица загинаа во невремето во Европа

Од:

Силно невреме ги погоди областите во централна и јужна Европа, при што загинаа најмалку 13 лица, меѓу кои и три деца. Смртни случаи, најмногу поради паѓање дрвја, се пријавени во Италија и Австрија, како и на францускиот остров Корзика, јави Би-Би-Си. Силниот дожд и ветерот ги уништија камповите на овој остров, додека во Венеција, Италија, дел од ѕидот беше однесен од камбанаријата на црквата Свети Марко.

Најмалку шест лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во силната и неочекувана бура што во четвртокот го погоди францускиот медитерански остров Корзика со ветрови со брзина до 224 километри на час, корнејќи дрвја и носејќи покриви.

Француските власти соопштија дека 13-годишно девојче било убиено од паѓање на дрво на камп, додека друг маж бил убиен во сличен инцидент, а една жена загинала кога нејзиниот автомобил удрил во покривот на колиба на плажа, соопштија властите. Загинаа и рибар и лице кое возеше кану, а францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманин кој ја посети загрозената област не даде детали за шестиот загинат.

Десетици луѓе се повредени и на копно и на море, а очевидци на невремето велат дека тоа било сосема неочекувано и дека не било дадено предупредување. На француското копно, некои јужни области беа погодени од прекини на струја, а улиците беа поплавени во вториот по големина град во земјата, пристаништето Марсеј.

Паѓањето на дрвја во Австрија уби пет лица во два одвоени инциденти во четвртокот, додека бурите што го зафатија северниот брег на Средоземното Море претходно во текот на денот стигнаа до алпската земја во попладневните часови. Две девојчиња, на возраст од четири и осум, загинаа кога дрвја паднаа на брегот на езеро во јужна Австрија, во близина на границата со Словенија, соопшти полицијата.

Во меѓувреме, во Италија, маж и жена загинаа од паѓање дрвја во одделни инциденти во регионот на Тоскана. Силни ветрови ја погодија и Венеција, дувајќи чадори на кафулињата низ плоштадот Свети Марко и оштетија дел од камбанаријата на катедралата.

Во невремето беа оштетени и приморските одморалишта во Тоскана и посеверно во Лигурија, јави Танјуг. Во јужна Италија топлотниот бран продолжува, а на Сицилија се забележани температури и до 40 степени Целзиусови, а многу делови од Европа се уште се зафатени од екстремно топло и суво време.

На другата страна на Средоземното Море, во Алжир, најмалку 38 лица загинаа во шумски пожари. Екстремните временски услови, вклучувајќи топлотни бранови и бури, станаа поинтензивни и почести во последниве години поради климатските промени предизвикани од човекот, додава Би-Би-Си.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Невремето „Берт“ ја однесе првата жртва во Британија, илјадници без струја во Ирска

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Силното невреме направи штети во Битола, Штип и Охрид, се санираат последиците

Катерина Ѓуровски

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Силниот ветар однесе и дел од покривот на штипското училиште „Коле Нехтенин“

Предраг Петровиќ

Ветерот во Штип откорна дрвја и направи штета на автомобили и објекти

Лавров: Ефектот на „вакцината“ против нацистичкиот „вирус“ на Запад е значително ослабен