Над 100 килограми хероин се откриени при контрола на автомобил на бугарскиот граничен премин „Капитан Андреево“ со Турција, соопшти прес-центарот на Царинската агенција.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова се случило пред два дена, кога на бугарско-турската граница пристигнал автомобил со француска регистрација, кој од Турција преку Бугарија доаѓал до Франција.
Во автомобилот што го управувал францускиот државјанин патувале неговата сопруга и нивните две малолетни деца, како и нивните миленици – две кучиња.
Според методот на „анализа на ризик“, автомобилот е утврден на темелен царински преглед. Вкупно 209 пакувања, завиткани во фолија и во кои има прашкаста материја беж, се пронајдени на специјално изградени скривалишта, во подот на автомобилот, достапни по демонтирање на седиштата, како и на местото на резервната гума. Вкупната количина на запленетата дрога е 104.940 килограми, вредна 4.900.000 евра.
Извор: МИА