Британскиот автор Салман Ружди останува во болница во тешка состојба, еден ден откако беше повеќекратно прободен со нож на литературен собир во Њујорк, додека неговиот напаѓач пред судот се изјасни за невин. Ружди бил изваден од респиратор и може да зборува.
@SalmanRushdie off ventilator and talking! Continued prayers from all @chq
— Michael Hill, Ed.D. (@MichaelHillCHQ) August 14, 2022
Обвинетиот вооружен напаѓач, 24-годишниот Хади Матар од Фервју, Њу Џерси, се изјасни за невин, објави неговиот адвокат Натаниел Бароне. Хадар доби кривична пријава за обид за убиство и за нанесување тешка телесна повреда.
Ружди (75), чија глава е уценета откако ги објави „Сотонски стихови“ во 1989 година, требаше да одржи предавање во Чаутаука, во западниот дел на државата Њујорк, кога Матар го нападна со нож и неколку пати го избоде.
Според окружниот обвинител Џејсон Шмит, Ружди бил избоден три пати во вратот и четири пати во стомакот. И окото му беше прободено.
Писателот беше опериран во петокот вечерта, по што беше ставен на респиратор.
Писателите и политичарите ширум светот го осудија нападот. Во саботата, американскиот претседател Џо Бајден им се придружи, пофалувајќи ја посветеноста на Ружди за „универзалните идеали“.
Полицијата сè уште не го утврдила мотивот за нападот, но NBC објави дека прелиминарниот полициски преглед на профилите на социјалните мрежи на Матар открил дека тој имал наклонетост кон шиитскиот екстремизам и иранската Револуционерна гарда.
Матар е роден во Калифорнија, но неодамна се преселил во Њу Џерси. Тој е уапсен на местото на нападот, а очевидци велат дека не кажал ништо. Неговото следно рочиште пред судот ќе биде во петок.