Девет месеци по убиството на демократијата, во парламентот се раѓа нов монструм зачнат со силување.
Дали премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, договорија помилување на злосторството извршено во македонскиот парламент на 24 декември лани. Девет месеци по убиството на демократијата во Собранието, се раѓа нов монструм зачнат со силување на кој во оваа држава ќе му биде дозволено да прави што сака. Груевски го пренесува Заев жеден преку вода со закана дека Брисел чека на извештајот и ако до петок не биде готов, ќе сврти друга страница со нова стратегија. Во осмата година од мандатот ќе ги организирал осмите избори. Плаши мечка со дајре. Па, од ова не може да биде полошо. Или може и бетер…
Партиската Комисија на претседателот на државата, на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ со неутрален претседател за испитување на случајот не успеа да го снесе ова јајце и да донесе праведен и правно издржан извештај за настаните на 24 декември. Тоа јасно кажува на кое дереџе е Македонија. Премиерот Груевски и’ приопшти на нацијата дека се’ било готово партиите да се договорат, ама расипувачот на забави, Бранко Црвенковски, се вратил од одмор и крај. Нема ништо од договорот. Груевски како адут го извади рокот на Брисел веднаш да се доврши извештајот на ад хок Комисијата, очигледно барајќи тој да биде по негови насоки. Стана лична работа на премиерот да врши силен притисок со закани преку медиумите да се донесе извештај за кој иако го немам видено, ги ставам двете раце во оган дека е ни риба ни девојка. Гарант на крајот двете страни ќе бидат по малку виновни, што значи дека никој не е крив.
Пред да се договорат Груевски и Заев за нивниот извештај, треба јавно да расчистат една многу важна работа. Дали настаните од 24 декември лани ќе ги разубавуваат затоа што го бара тоа од нив Брисел или затоа што македонската јавност треба да знае кој е одговорен за најбруталниот и најсрамен чин во македонскиот парламент по 70 години парламентарна држава. Бриселскиот услов се злоупотребува како притисок да се разводени насилната суспензија на македонскиот парламент и флагрантното кршење на Уставот. Лесното проаѓање преку 24 декември не значи ништо друго освен јавно признавање на малиот капацитет на македонската државност, јавна демонстрација на длабоката криза на институциите на системот и правната држава, низок праг на демократските процеси, тврд авторитарен режим и автократ на чело на државата, уплашена јавност, немање доволно критична маса и една слаба и анемична опозиција. Да, од разубавениот извештај ќе се види и предавството на интелектуалните и академските кругови кои освен неколку храбри исклучоци, срамно го премолчуваат 24 декември.
Таа силна универзитетска елита од Правниот факултет во Скопје се претвори во мала група апологети и полтрони, бетер од медиумските слуги. Наследниците на големите имиња на Правниот факултет кои уште во времето на еднопартискиот систем имаа храброст на ниво на Југославија да ги бранат демократските придобивки од меѓународното право денес молчат и ги срамат своите професори со својот кукавичлук. А има и такви кои не го кријат својот срам, па секоја вечер даваат телевизиски извештаи за високите демократски и правни дострели на владата.
Не знам дали е точно, ама сум чул дека кога ќе се сретнат со професор Светомир Шкариќ, ја наведнуваат главата и го свртуваат погледот. Неговата јавна лекција дека во Европа по Кромвел не се случил ваков упад во ниеден парламент од 17 век наваму веројатно е многу тешка шлаканица за големите професори, воспитувачи на идните генерации правници.
На 24 декември во македонскиот парламент е прекршен Уставот, направено е тешко кривично дело на суспензија на највисокиот законодавен дом да се оневозможи критиката за донесување коруптивен предизборен буџет со задолжување на државата. Исфрлена е од тајна полиција најголемата опозициска партија како партал од дебатната сала. Пред тоа грубо се отстранети новинарите од своите работни место. Јавноста е спречена да го види злосторството. Потресните сцени во парламентот на влечење и тепање на пратениците од полицајци во цивил и отстранувањето на новинарите беа снимени на мобилен телефон од пратеничка и од непосредни сведоци се емитувани стотици пати пред македонската и светската јавност.
Денес сето тоа да се забошоти е ново злосторство поголемо од она на 24 декември, затоа што во него сега ќе учествува рамноправно со ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа покажува дека Македонија нема сила да го покрене ни политичкиот ни правниот механизам за еден флагрантен настан на кршење на Уставот и законите.
Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, ако сака да се занимава со висока политика, мора овие работи добро да ги знае. Ако не, ќе остане добар лидер на Струмица, вешт да заврти некое оро и да ја угости Северина. Ова овде е нешто сосема друго, можат да го намачкаат како путер на лепче.
Ерол Ризаов за Утрински