Во главниот град на Камбоџа денеска се одржува источноазискиот Самит на Асоцијацијата на државите од југоисточна Азија, Форум на кој во услови на изразени тензии меѓу глобалните сили за првпат од почетокот на војната во Украина на иста маса ќе седнат американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министрите за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и на Кина, Ванг Ји.
Состанокот во Пном Пен се одржува ден откако американската кошаркарка Бритни Грејнер во Русија беше осудена на девет години затвор поради поседување дрога.
Од друга страна Кина изрази незадоволство поради неодамнешната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван, автономен остров кој Пекинг го смета за дел од својата територија. Како демонстрација на сила, Кина вчера почна воени маневри околу Тајван.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го чукна по рамо својот руски колега Сергеј Лавров додека тој влегуваше во конгресната сала и му мавна со рака пред да седне на своето место.
Лавров возврати на поздравот.
Блинкен, кој последен влезе во просторијата каде се одржува состанокот, не погледна ниту во Лавров, ниту во Ванг додека седеше на своето место.
Пред средбата во Пном Пен, американскиот Стејт Департмент соопшти дека Блинкен нема намера да има одвоени средби ниту со кинескиот, ниту со рускиот шеф на дипломатијата.
Кина вчера го откажа состанокот на министрите за надворешни работи со Јапонија, во знак на протест затоа што Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7) објави дека нема оправдување за воените вежби на Пекинг, кои практично го опкружија Тајван.
„Јапонија и другите членки на Г7 и ЕУ дадоа неодговорна изјава во која ја обвинуваат Кина, мешајќи го она што е правилно со погрешното“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи.
Кога јапонскиот министер за надворешни работи Хајаши Јошимаса почна да зборува на Самитот во Камбоџа, Лавров и Ванг ја напуштија просторијата, изјави неименуван дипломат присатен на Форумот.
Претседавачот на Самитот во Источна Азија, министерот за надворешни работи на Камбоџа, Прак Сохон, во обраќањето пред учесниците изрази надеж дека сите делегати ќе го искористат Форумот како средство за ангажман и меѓусебна комуникација.
„Секоја година имаме повеќе предизвици што треба да ги разгледаме, но никогаш порано како оваа година, не се соочуваме со толку многу опасности во исто време“, рече тој пред состанокот на продолжи зад затворени врати.
Извор: МИА