Парното греење од денеска е поскапо за 14,18 проценти, а кризната состојба во енергетскиот сектор се уште не е прогласена.
Иако Бектеши најави дека се обезбедени 100 милиони евра од ЕБОР за справување со кризата, кај јавноста се создаде впечаток дека Владата доцни со реакциите и мерките за амортизирање на последиците од кризата и тоа може многу скапо да ги чини граѓаните.
– Во Австрија, на пример, веќе неколку месеци постојано се зборува за владините мерки за справување со енергетската криза, за тоа што ќе се прави ако секне рускиот гас, за тоа како да се спречи високата цена на гасот да ги погоди граѓаните и слично. Во Македонија таа дискусија се отвора дури сега, а за мерки нема ни муабет. И не е само во Австрија или ЕУ така. Од соседството, Србија уште пред два месеца обезбеди руски гас по поволна цена. Колку и да е Вучиќ лош, повторно им одржа лекција на нашиве. Можеби нашите политичари ќе се сетат на зимата по летните одмори, ама се плашам дека ќе биде предоцна – истакна за „А1он“ економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.
Доколку не се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија ќе мора да се користи мазутот за производство што е многу неповолно од еколошки аспект.
– Ние правиме големи напори да имаме алтернативи за снабдување на природен гас. Во случај на целосна забрана тогаш мора да најдеме алтернативни горива за да работат топланите. Согласно Законот треба да има и други алтернативи освен гас. Но имајќи го во предвид техничниот капацитет на централите за топлинска енергија, тие без инвестиција може да се свртат само од гас на мазут – рече Бектеши.
Според него, Македонија прави големи напори за непрекинато снабдување со гас, но дека тоа ќе зависи од ослободувањето на капацитетите на бугарски „Булгаргас“ и од договорот што компанијата го има со руски „Газпром“.
– Ако тие капацитети не се ослободени, ние сме подготвени да се снабдуваме со гас и од Азербејџан било преку Грција било преку Турција. Ние немаме билатерален договор за снабдување со гас со било која држава – рече Бектеши.
Освен гас, Македонија ќе мора да набави и поголеми колични јаглен затоа што РЕК Битола планира од октомври да работат трите блокови. Домашното производство на електрична енергија ќе биде скапоплатено со увозот на висококалоричен јаглен кој е потребен за повеќе електрична енергија. Домашните количини на јаглен кои се обезбедуваат од сопствениот ископ имаат ниска калорична вредност.
„Согласно планот за производство на АД ЕСМ, предвидено е РЕК Битола во текот на претстојната грејна сезона да работи со три блока. Во тек се техничко – технолошките зафати кои треба да го овозможат тоа. Количините на јаглен кои се ископуваат во рудниците на РЕК Битола се доволни за работа на блоковите, но заради ниската калорична вредност на јагленот, АД ЕСМ распиша оглас за јавна набавка на висококалоричен јаглен кој се меша со јагленот од сопствено производство со цел да се добие повеќе електрична енергија“, рекоа за „А1он“ од РЕК Битола.