Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев денеска ќе присуствуваат на седница на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, на која ќе се направи обид да се постигне согласност за Извештајот што треба да го изготви Комисијата.
На седницата, која ќе се одржи во Клубот на пратениците во 14 часот, покрај Груевски и Заев и членовите на Комисијата, ќе присуствуваат и шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протоѓер и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го поздрави присуството на лидерите на партиите на денешната седница на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, се со цел, како што велат однеговиот Кабинет, да се усвои извештајот на Комисијата и да не се доведе во прашање европската перспектива на Република Македонија.
Груевски и Заев на вчерашната средба се договорија крајниот рок за постигнување согласност да биде пролонгиран до петок, по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.
Пред речиси еден месец оставка на функцијата претседател на Комисијата даде професорот Борче Давитковски, поради, како што рече, неможност да се постигне согласност за конечниот извештај од работата на Комисијата. Во Комисијата СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ имаат делегирано по двајца членови.