Најголемите реформи во јавните финансии во изминатите две децении, на кои ќе се гради систем кој ќе продуцира повисоки стапки на економски раст и подобар животен стандард за граѓаните, беа тема на средбата во Министерството за финансии, помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и премиерот Димитар Ковачевски, на која присуствуваа и раководителите на сектори во министерството.
Станува збор за новиот реформски Закон за буџети (Organic Budget Law), поддржан од сите релевантни меѓународни институции, како и од политичките партии, и измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. Овие закони, кои се во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија, се креирани по примерот на најдобрите светски и европски практики и носат крупни реформи од планирање до реализација на буџетот на државата и на единиците на локалната самоуправа, поставување на фискални правила и фискален совет, како и негување на висок степен на отчетност и транспарентност.
На средбата помеѓу министерот за финансии Бесими и премиерот Димитар Ковачевски, беше истакнато дека во време на крупни предизвици, какви што се ценовната и енергетската криза, не треба да се изгуби фокусот кон системските реформи. И покрај креирањето на тековните мерки, кои треба да ги заштитат граѓаните, стопанството и економијата, напоредно треба да се работи и на унапредувањето на системот. Само на тој начин може да се задржи стабилноста, а на среден рок и да се постигнат подобри економски резултати, беше посочено на средбата.
Двата реформски закони суштински го менуваат досегашниот систем на функционирање на јавните финансии. Законот за буџети поставува среднорочна рамка и јасни цели за постигнување на одржлив раст, како и интегриран систем кој значително ќе го подобри квалитетот од планирањето до спроведувањето на јавните приходи и расходи. Исто така се поставуваат прагови за долгот и дефицитот во насока на заложбата за фискална консолидација, но и Фискален совет кој независно ќе ги надледува овие процеси. Измените на Законот за финансирање на општините се засноваат на три столба: подобрување на фискалниот капацитет на општините и зголемување на нивните приходи, зголемување на фискалната дисциплина на општините и зголемување на нивната транспарентност и отчетност. Со овој закон се овоможуваат повисоки приходи на општините со раст на нивниот удел во даночното зафаќање, но и зголемување на одговорноста и отченоста во трошењето на парите.
По усвојувањето на овие закони од страна на Собранието, преку точно утврдени планови на реализација ќе отпочне нивното спроведување. Тие ќе се одвиваат истовремено со спроведување на антикризните мерки за заштита на граѓаните и фирмите од тековната криза, со цел да се оптимизира системот, од кој се очекува по кризата да ги даде посакуваните повисоки и одржливи стапки на економски раст.