Германскиот енергетски гигант „Унипер“ добива уште помалку руски гас, откако руската државна компанија „Гаспром“ дополнително го намали протокот преку гасоводот „Северен тек 1“, потврди денеска портпаролот на фирмата, јави ДПА.
„Унипер“ добива само една третина од договорно гарантираните испораки на гас од Русија, значително помалку од 40 отсто што сѐ уште ги добиваше до вчера, рече портпаролот.
И покрај намалувањето, нема да се повлекува гас од складиштата. Унипер организира замена преку други канали, додаде портпаролот.
Само шест дена по обновувањето на испораките на гас од Русија преку гасоводот по рутинските работи за одржување, Гаспром планира да го намали обемот на гас на 20 отсто од максималниот капацитет.
Минатата недела, германската влада објави дека презема 30 проценти од акциите на Унипер, најголемиот увозник на руски гас во земјата, како дел од спасувачката програма вредна повеќе милијарди евра, во услови на недостиг на гас.
Извор: МИА