Финансиската полиција поднела претставка до Јавниот обвинител на Македонија, Љубомир Јовески во која бара да го преиспита постапувањето на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Рускоска по претресот во Управата за финансиска полиција. Директорот на Управата, Арафат Муареми, смета дека претресот од минатиот понеделник кај нив имал суштествени недостатоци, недоследности и нелогичности.
„Поради суштествените недостатоци на наредбата за претрес, начинот на постапувањето при спроведување на истата, низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската пракса како и неоснованоста за примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на ОЈО ГОКК, од страна на Управата за финансиска полиција до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија поднесена е претставка , согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај“, соопшти денес Управата.
Претресот во Управата од страна на истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал бил извршен по наредба издадена од Основниот кривичен суд Скопје- судија на претходна постапка, а по претходно доставено барање за претрес од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Финансиската полиција им овозможила непречен пристап на истражителите иако сметаат дека содржината на наредбата не ги исполнувала формалните и материјално-суштинските основи за да биде издадена.
„Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот. Од содржината на наредбата може да се констатира дека истата е воопштена, нејасна и остава простор за слободно толкување, што упатува на тоа дека подносителот на барањето за претрес- ОЈО ГОКК не располага со јасна и конкретна цел каков доказен материјал со примената на ваквата мерка сакал да обезбеди, а со кој само дополнително би го зајакнале основаното сомнение и би го комплетирале веќе обезбедениот доказен материјал за некакво сторено кривично дело“, стои во објаснувањето од Управата.
Директорот Муареми потсетува во кои услови се прави претрес и наведува дека претресот во Управата бил непотребен.
„Според наредбата за претрес, претресот се спроведува – цитирам „ поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело …. ‘Согласно член 21 точка 15 од Законот за кривична постапка основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело’, а од друга страна јавноста е сведок на изјавите на шефицата на ОЈО ГОКК објавени во медиумите во кои самата изјавува дека нема осомничени лица, односно дека – цитирам ‘чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата’. Дополнително, потребата од спроведување на претресот е апсолутно непотребена имајќи предвид дека согласно своите надлежности Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал може во било кој момент да ни се обрати и со само едно барање да го добие било кој предмет за кој што е заинтересирано и не само предмет, туку и секој еден документ за кој смета дека е потребен“, објаснува директорот Муареми.
Тој смета дека со претресот е нанесена голема штета на угледот на институцијата, на сите вработени во Управата, како и штета на неговиот углед и интегритет како директор, намалена е довербата на граѓаните на Македонија во правосудниот систем и се поткопува правната држава.