Примери има многу, а ние ќе наведеме само неколку, за да предупредиме на една очајна состојба, што налага брза акција во секоја наша редакција – новинарите и уредниците мора да развијат свесност за потребата строго да ги применуваат правилата на македонскиот правопис.
Пишува: Биљана Илиќ
На корисниот фејсбук профил https://www.facebook.com/lektor.mk сретнавме вакво прашање: „Дали ќе може да ми кажете како би било правилно да се напише: Руската федерација или Руската Федерација; Федерацијата или федерацијата; Југословенската федерација или Југословенската Федерација. Кој збор се пишува со голема, а кој со мала буква? Благодарам.“ Еве го и одговорот: „Руска Федерација, зашто тоа е името на земјата, како што е Република Македонија, Социјалистичка Федеративна Република Југославија; југословенска федерација, зашто тоа не е име на држава, нели?“
Секако, ќе се придружиме кон одговорот, но истовремено ќе укажеме и на сѐ почестите грешки и недоумици во врска со ова прашање. Некои од нив се легитимни и бараат сериозен одговор. Така, на пример, јасно е дека „Охридско Езеро“, се пишува со двете големи букви, но од кога тоа една обична бара, крај која се случи еден страшен настан, станува познат топоним, та мора да пишуваме „Смилковско Езеро“?
Некои од грешките доаѓаат под влијание на странските јазици, пред сѐ на англискиот, но и на востановениот бирократски јазик во нашата земја. Така, во медиумите често ќе сретнете и ваква употреба на големата буква: „Струшки Вечери на Поезијата“ (а треба „Струшки вечери на поезијата“), „Закон за Работни Односи“ (наместо „Закон за работни односи“), „Втора Светска Војна (треба „Втора светска војна). Како ќе се напише полниот назив на ВМРО? „Внатрешна македонска револуционерна организација“. А на СДСМ? „Социјалдемократски (не: социјал демократски) сојуз на Македонија“. Само Македонија, како сопствена именка, се пишува со голема буква.
„МОДЕРНАТА“ УПОТРЕБА НА ПОЧЕТНАТА ГОЛЕМА БУКВА
Но, во медиумите, поради напливот на новинари со слаби познавања на правописот, сѐ почесто се забележува тенденцијата на употреба на големата буква и каде што треба и каде што не треба. Така, спомнатите имиња често се пишуваат со почетни големи букви за секој збор во името. Тоа се смета дури и за „фенси“, демек модерно.
На истот фејсбук-профил што го спомнавме, читаме ваков пост: „Еве нешто што навистина ми пречи, а многу често се среќава: 3-ти Декември, 8-ми Септември, 11-ти Октомври. Значи, се пишува: 3 Декември, 8 Септември, 11 Октомври, зашто за датумите се подразбира дека се редни броеви“. Ова за редните броеви, секако, е корисна забелешка и треба веднаш да се прифати. Но, зошто имињата на месеците се напишани со почетна голема буква? Ако 8 Септември и 11 Октомври се празници (Ден на независноста и Ден на востанието), кој празник е 3 Декември? Значи, се пишува 3 декември, 15 септември итн.
Овде можете да ги прочитате правилата за употреба на големата буква во нашиот јазик.
Во редакциите има недоумици и за употребата на големата буква во називите на институциите. Општо прифатено мислење на лекторите е дека институциите, како што се Владата и Собранието, треба да се пишуваат со голема буква. Би било добро да се размисли, на пример, зошто имињата на овие институции во англискиот јазик се пишуваат со мала буква. Но, проширувањето на ова правило на институциите претседател и премиер (кои, според тој тренд, сега се пишуваат со големи букви – „Претседател“ и „Премиер“), па дури и на нивните кабинети (значи, „Кабинетот на Претседателот Иванов“) ни се чини претерана.
ФАТАЛНИ ГРЕШКИ – ПОСЛЕДИЦА НА НЕЗНАЕЊЕ
Како и да е, во јазикот во медиумите денес има толку многу фатални грешки, кои не се коректорски, туку се последица на незнаење, што расправата за употребата на големата буква ни изгледа дури и „академска“. Во многу медиуми сѐ уште ќе сретнете чудесна транскрипција на имињата од српското говорно подрачје, како на пример „Џокович“ и „Џуканович“, наместо „Ѓоковиќ“ и „Ѓукановиќ“. Општо земено, се добива впечаток дека на многу новинари во речникот им недостасуваат тие две букви – „ѓ“ и „ќ“ – па за нив македонската азбука се состои од 29, наместо од 31 буква.
Сѐ почесто среќаваме и вакви примери: „сеуште“, „незнам“, „неможам“, „несмеам“. Можеби е време лекторите да размислат „сѐ уште“ да се пишува споено („сеуште“), бидејќи има аргументи во прилог на таквиот предлог. Но, негацијата „не“ мора да се одвојува од глаголот, бидејќи тоа навистина е груба грешка и последица на елементарно непознавање на правописните правила.
Непознавање на правописот е и употреба на кратката заменска форма „ни“ со надреден знак над буквата „и“ („нас нѝ недостасува добра волја“). Надредниот знак тука не е потребен. Незнаење е кога ќе се каже „го подржа законот“ (со едно „д“) и „оддржа говор“ (со две „д“) – а треба обратно. И кога не се прави разлика меѓу „дрва“ и „дрвја“. И кога не се знае дека во македонскиот јазик, освен еднина и множина, има и двоина (само за именките од машки род), па не се вели „два месеци“ и „два автобуси“ , туку „два месеца“ и „два автобуса“.
Примери има многу, а ние наведовме само неколку, за да предупредиме на една очајна состојба, што налага брза акција во секоја наша редакција. Новинарите и уредниците мора да развијат свесност за потребата строго да ги применуваат правилата на македонскиот правопис.
Постојат три, релативно едноставни алатки, како секој од нас да ја подобри својата писменост. Прво, секој треба да ги детектира своите омилени грешки (тие што најчесто ги прави), да ги запише и да научи повеќе да не ги повторува. Второ, за секое спорно прашање, добро е да се консултуираме со лектор или со поискусен колега, за кого знаеме дека добро го владее македонскиот правопис. И трето, мора постојано да се чита корисна литература.
Што се однесува до ова последново, би можеле да го препорачаме дигиталниорт речник на македонски јазик (http://www.makedonski.info), блоготhttp://lektormk.blogspot.com/ и веќе спомнатиот профилhttps://www.facebook.com/lektor.mk. Но, пред сѐ и над сѐ, извадете од џебот околу 200 денари и купете си го правописниот речник на нашиот литературен јазик. И секогаш нека ви биде при рака!
П.С. Сопственото име на авторот би требало да се пишува со „лј“ наместо со „љ“, но тоа прашање сѐ уште е исклучива надлежност на матичарот.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Легенда под фотографија: Решение на Президиумот на АСНОМ за изгледот на македонската азбука