Илија Димовски: Владата го префрли францускиот предлог во Собрание за да избега од одговорност

Од:

Поранешниот пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски смета дека тоа што Владата сака преговарачката рамка да ја усвои Собранието е само барање за поголем легимитет кое понатаму ќе направи поголеми проблеми при донесувањето на секоја одлука.

– Владата треба да ја усвои преговарачката рамка, а не Собранието. Тоа што сакаат предлогот во пакет со протоколот да се разгледа на пленарна седница што побрзо може да биде барање за легитимитет, за избегнување одговорност и добивање поголема поддршка пред да го прифатат францускиот предлог – вели Димовски за „А1он“.

Бившиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ вели дека формално-правно предлогот може да се истурка затоа што нема да се земе предвид масовната поддршка на народот кој очигледно не се согласува некој да преговара за неговиот идентитет и историја.

Димовски е убеден дека нашата дипломатија целосно потфрлила во односите со Бугарија и дозволила темата за македонскиот идентитет да се претвори во тема за човекови права.

– Нè надиграа дипломатски со резултат 100:0 затоа што нашата дипломатија е загубена во вселената. Пред една година никој не сакаше да ги слуша бугарските услови во Европската Унија, а сега одеднаш станаа европски. Билатералниот протокол содржи сè и сешто, таму ќе се разговара за историја, учебници и јазик. Огромен проблем е што во преговарачката рамка Бугарија нема стриктна обврска да не нè спречува во преговорите, туку ќе го користи член 5 како инструмент да надгледува што ние ќе спроведуваме од протоколот – објасни тој.

Димовски неколку месеци наназад е на став дека ние треба да ги запреме преговорите со Бугарија и проблемот да се ескалира на дипломатско ниво.

– Ние треба да одбиеме каков било разговор за историјата, јазикот, нашите основни човекови права и да го ескалираме проблемот како што тоа го направи Бугарија во последните неколку месеци. Ќе има негативен ефект на краток рок и ќе ги наруши односите со Бугарија, но тие и така не се добри. Сметам дека ќе добиеме разбирање од меѓународната заедница ако сме истрајни – рече Димовски.

Тој додаде сите седум нормативни точки на Резолуцијата на Собранието ќе бидат прекршени доколку Владата донесе одлука за прифаќање на францускиот предлог, а непочитувањето на одлука на Собрание ќе биде безвластие и рушење на уставниот поредок.

Би можело да ве интересира

Димовски: Владата немаше право да прифати обврска за промена на Уставот, тоа е исто како да го продавате имотот на вашиот сосед

A1on

Илија Димовски: Владата не смее да пишува амандмани, тоа е злоупотреба на службена должност

A1on

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов

Димитров од историската комисија: Македонија треба да направи сериозни измени во учебниците, но не е подготвена за промени

A1on

(ВИДЕО) Бучковски: Русија стои зад антибугарските протести и желбата за одржување на референдум

A1on

Да се побара престанок на важноста на Договорот со Бугарија- Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе решава за референдумското прашање