Бугарија го блокираше трансферот на средства во износ од 890.000 долари за руската Амбасада во Софија, соопшти вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Василев објасни дека не е извршена заплена на средствата, туку само се блокира трансферот на 890.000 долари на нивната сметка.
-Парите се стопирани поради европските санкции, рече Василев.
Русите тврдат дека сумата е наменета за плати на вработените во руската амбасада во Софија. Поради оваа причина, бугарската Влада побара од Европската комисија одобрение дали оваа трансакција може да се отстрани од санкциите.
Василев уште кажа дека доколку се добие позитивно мислење од ЕК, парите веднаш ќе се деблокираат.
Извор: МИА