Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, е подготвен за средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, под услов разговорите да бидат суштински, а не, како што вели тој, тоа да биде само еден вид театарска претстава, пренесува македонскиот дневен весник „Дневник“.
– Нема некои лични или технички причини зошто не ја прифатив поканата. Причините се принципиелни и политички. Последните политички однесувања на таа партија, посебно последниве година дена одеа од нивна страна во директен судир со нашата политичка ориентација. Јас не сум за политика – театар, да не видат како многу се сакаме, туку сум за суштинска политика – вели Тачи во изјавата за „Дневник“.
Лидерот на ДПА додава дека постојат шанси во следниве месеци да отпочне разговори, околу нивните намери, како и програми и платформи.
– Ако се има подготвеност да се разговара за програмата и платформата на ДПА, ќе видиме понатаму – додава Тачи.
Тачи денеска во седиштето на партијата имаше средба со Рамуш Харадинај, претседател на Алијансата за иднина на Косово, кој е дојден во Тетово да присуствува на одбележувањето на годишнината од смртта на првиот претседател на ДПА, Арбен Џафери.