Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права
Фотографија: Кампања „Ти се важиш“ на националната телефонска линија за превенција на самоубиства од САД (веб-сајт, Фб)
„Еден од факторите кои некоја ранлива личност можат да ја наведат на самоубиство е и публицитетот што на таквиот чин му се дава во медиумите “ (Прирачник за етиката во новинарството)
Новинар(к)ите треба да бидат свесни дека известувањето за случаи на самоубиство е комплексна задача која може да отвори многу етички дилеми и предизвици. Медиумите честопати се критикувани дека со давањето на преголем публицитет, или со сензационалистичкиот пристап, придонесуваат за зголемување на бројот на самоубиства. Кон новинар(к)ите се упатуваат и други критики: дека при известувањето за самоубиствата не покажуваат сочувство и ја експлоатираат човечката трагедија, дека ја вознемируваат јавноста, дека поттикнуваат стигма, дека неретко ја повредуваат приватноста и причинуваат дополнителна штета, итн.
Меѓутоа, ризиците за негативно влијание не треба до тој степен да ги обесхрабрат новинар(к)ите за да престанат да известуваат за сите случаи на самоубиство. Медиумите можат да предизвикаат и зголемување, но и намалување на бројот на самоубиства. Со познавање на стандардите, со професионален и одговорен однос, новинар(к)ите можат позитивно да придонесат преку охрабрување на потенцијалните жртви да побараат соодветна помош.
Дали треба да се известува за секој случај на самоубиство?
Медиумите не треба да ги покриваат сите случаи на самоубиство, туку само некои. Според Прирачник за етиката во новинарството „во светот е усвоена пракса за самоубиствата генерално, а особено за анонимните луѓе речиси воопшто и не се пишува.“
Пред да започнат да известуваат за самоубиство, новинар(к)ите најдобро е да си ги постават следниве прашања:
- Дали жртвата е јавна личност?
- Дали самоубиството се случило на јавно место?
- Дали за самоубиството е веќе известувано?
- Дали известувањето за чинот на самоубиство може да покрене одредено социјално прашање од јавен интерес?
- Дали известувањето за самоубиство ќе придонесе за минимизирање на штетите?
- Дали со известувањето за самоубиство може да се намали самоубиственото поведение?
Ако одговорите на повеќето прашања се негативни, тогаш новинар(к)ите треба сериозно да размислат дали воопшто треба да го покријат случајот на самоубиство, независно од гладта за информации од страна на публиката.
Според некои експерти, кога станува збор за самоубиство на јавна личност, или кога тоа се случува на јавно место, веројатно тогаш треба да се известува, но со сочувство за семејството и пријателите на жртвата. Кога самоубиството се случува во приватноста на домот, потребата на јавноста да биде известена е помала, а одговорноста на медиумските работници кои известуваат за такви случаи е многу поголема, поради поголемиот ризик за повреда на достоинството на жртвата и нарушување на приватноста на семејството и пријателите (Видете Louis Alvin Day, Ethics in Media Communications: Cases and Controversies).
Дали медиумското покривање може да го зголеми/намали бројот на самоубиства?
Новинар(к)ите треба да бидат информирани дека постојат бројни научни студии кои укажуваат дека некои видови на медиумско покривање можат да ја зголемат можноста за самоубиство кај ранливите индивидуи. Токму затоа, треба да бидат многу внимателни и одговорни, и особено свесни за предупредувањата кои видови на известувања ги зголемуваат ризиците за дополнителни самоубиства. Имено, според „Препораките за известување за самоубиства“:
„Ризикот од дополнителни самоубства се зголемува кога сторијата експлицитно го опишува методот на самоубивае, користи драматични или живописни наслови или слики, а постојаното/детално покривање ја сензационализира или возвеличува таа смрт.“
На пример, по детално опишаното самоубиство на голманот на германската фудбалска репрезентација, експертите укажуваат дека имало „значително зачестени самоубиства на млади мажи во таа возрасна група кои животот си го одзеле на ист начин“.
Меѓутоа, со внимателно и одговорно покривање, новинар(к)ите можат да придонесат за менување на митовите и предрасудите кај јавноста, за справување со стигмата, за обесхрабрување на потенцијалните имитатори, и за охрабрување на ранливите индивидуи да побараат помош. За позитивните ефекти од медиумското известување сведочат и експертите. Епидемиологот Медлин Гулд укажува дека стапката на самоубиства во метро во Виена опаднала за 75% откако во 1987 г. медиумите добиле препораки или да престанат да известуваат за самоубиства во метро, или пак да известуваат за нив многу поодговорно.
Дали треба да се известува за причините за самоубиство?
Едно од контроверзните прашања, кои предизвикуваат етички дебати, е дали (и како) треба да се известува за причините за самоубиство. Според Прирачник за етиката во новинарството:
„Наведување на социјалните причини, како што е невработеноста, проблеми со училиштето или крај на романтична врска, може да биде разбрано како порака до сите кои имаат слични проблеми дека самоубиството е едно од можните решенија“.
Други експерти за новинарска етика сметаат дека причината за смртта не треба да се објавува (освен кај јавни личности), и дека треба да се испочитува желбата на семејството кои информации ќе бидат објавени.
Но, има и експерти кои сметаат дека новинар(к)ите би требало да истражат кои фактори поттикнале на самоубиство – економски, социјални, или други фактори (како, на пример, малтретирање на хомосексуален студент). Во секој случај, првичните известувања треба да се држат до познати факти, а
„Новинарите треба да избегнуваат шпекулирање за причините за самоубиството и да избегнуваат да фантазираат за тоа што можело да има во умот на личноста во тој момент.“
Новинарите треба да бидат свесни и за укажувањата на клучни авторитети за превенција на самоубиство, дека до самоубиство најчесто не доведува еден поттикнувачки настан, туку комплексна низа на настани и околности.
Следствено, новинар(к)ите треба да бидат особено внимателни кога објавуваат информации од полициски извори кои посочуваат на причина за самоубиството. Новинар(к)ите треба постојано да ја имаат на ум аксиомата „Самоубиството е проблем на јавното здравство“, и дека релевантни извори се здравствените експерти, а не вработените во МВР.
Дали новинар(к)ите треба да се вклучат во борбата за превенција од самоубиства?
Според повеќе експерти за етичко новинсрство, кога новинар(к)ите известуваат за самоубиство, треба да бидат објавувани и информации каде можат да се обратат за помош луѓето кои размислуваат за самоубиство. Но, има и размислувања дека во своите известувања новинарите не би требало да играат улога на активисти за превенција на самоубиство, затоа што со тоа би го напуштиле принципот на неутралност.
Сепак, етичка должност на новинар(к)ите е ем да објавуваат информации од јавен интерес, ем да ја минимизираат штетата додека известуваат. Со објавувањето на националната СОС линија за превенција на самоубиства, секогаш кога известуваат на тема самоубиство, новинар(к)ите ќе објават информација од јавен интерес, а истовремено можат да ја минимизираат и евентуалната штетата од нивното известување.
СОС-линија за кризни состојби на Клиниката за психијатрија (24/7):
(02) 3136 400.
Продолжува: Како (не) треба да се известува за самоубиства (конкретни примери)
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).