На летната сцена на Амфитеатарот во Струмица, вечер, во рамки на програмата на „Струмица опен фестивал 2013“, ќе се одржи промотивна проекција на филмот „Игра и спас“,најнов македонски кусометражен игран филмов во режија на Горан Тренчовски.
Филмот премиерно беше прикажан на Белградскиот интернационален фестивал за краток и документарен филм, а потоа имаше проекции на Скопскиот филмски фестивал и на Фестивалот на Југоисточна Европа во Париз. Филмот е оценет како мошне иновативен и модерен филмски производ во сферата на краткиот аудиовизуелен израз.
-Заедно со сценаристот, Васе Манчев, директорот на фотографијата, Слаѓан Милошевски, и монтажерот Аристит Филактов, направивме „Игра и спас“ да трае 15 минути, а негов лајтмотив е подигрувањето, вечната игра помеѓу животот и смртта раскажана низ она што е помеѓу, вели режисерот Горан Тренчовски.
Улогите во“Игра и спас” ги толкуваат младите Коста Ангов (Глигор), Мартина Тапарчевска (Марија), Салаетин Билал (Таткото), Зора Ѓоргиева (Мајката), Дине Дрваров (Соседот)… Во филмот учествуваат и повеќе статисти и натуршчици од Струмица и струмичко. Оригиналната музика за филмот е на Драган Даутовски,а продуцент е Дејан Милошевски.
Кусометражниот „Игра и спас” на 21 овој месец ќе се прикаже на манифестацијата „Град на културата 2013“ во Крива Паланка, а наесен како што најавува режисерот Тренчовски, го очекуваат учества на повеќе светски фестивали.