Поставување нов балкански рекорд во извршени операции на катаракта беше целта што денес пред себе си ја постави лекарскиот тим на офталмолошкото одделение при Клиничката болница во Штип, кој доби помош и од своите колеги од Полиговиц Северин од САД , Александар Топов и Тумбев од Бугарија.
„Посебно сум горд и среќен што денес покрај стандардни фако-операции имавме и сложени операции што досега не можеа да се извршуваат со помош на фако-методата, со што можеме подлабоко да навлегуваме во проучувањето на начините на лекување на катарактата. Условите се одлични за работа, а самата екипираност овозможува да ги извршиме сите предвидени операции“, изјави началникот на Одделението за очни болести при Клиничка болница-Штип, Страхил Газепов.
Операциските зафати преку директен видеопренос имаа можност да ги следат и студентите на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Дечев“, како и сите заинтересирани офталмолози во републиката.
За лекарите од Бугарија и од САД ова не е прва соработка со колеги од Македонија, а ветуваат дека соработката ќе продолжи и во иднина.
Според директорот на Клиничката болница, Александар Стојанов, ваквиот подвиг значи чекор нанапред во идејата офталмолошкото одделение да премине во регионален хируршки центар за лекување на катаракта, со што пациентите од Македонија не би морале да заминуваат во странство.
М.Р.