На ракометното игралиште „Женска плажа“ во Струга вечер почнува 41. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2013“.
Натпреварите ќе се играат во вечерните часови. Според утврдениот календар, традиционалниот турнир ќе почне во 18 часот и 30 минути со дуелот меѓу минатогодишниот победник Металург и домаќинот Струга. По свеченото отворање најавено во 19 часот и 45 минути следува натпреварот меѓу Вардар и Констанца, а од 22 часот силите ќе ги одмерат Брест Мешков и Версај.
Утре ќе се одиграат натпреварите меѓу Иври – Констанца (18:45 часот), Металург – Брест Мешков (20:30 часот) и Струга – Версај (22 часот). Во петок, на 16 август ќе играат екипите на Вардар – Иври (18:45), Металург – Версај (20:30) и Струга – Брест Мешков (22:00).
Струшкиот ракометен турнир е една од најзначајните македонски спортски манифестации која, според најавите на организаторите, во иднина треба да прерасне во еден од најсилните клупски собири во Европа.
За следната сезона се планира учество и на хрватскиот шампион Загреб КО, како и на по една екипа од Германија и од Унгарија со што турнирот во Струга би добил крајно квалитетен европски изглед.