Гувернерот на Централната банка на Република Кипар, Паникос Димитриадис упати тешки обвиненија кон претходната влада на претседателот Димитрис Христофиас, пишуваат денешните весници на островот.
Пред специјалната комисија што ги истражува причините за кризата на островот, Димитриадис изјавил дека задоцнетото барање на помошта од европскиот механизам за поддршка било катастрофално за економијата на земјата.
Задоцнетото барање помош доведе до истекување средства од банките, објасни тој.
Првиот банкар на островот уште кажа дека можело да се спречи побараната „поддршка“ на депозитите од кредиторите, доколку кабинетот на Христофиас ја потпишел спогодбата, предложена од „тројката“ (ЕУ, ЕЦБ и ММФ), што се случи многу подоцна.
Паникос Димитриадис изјави дека финансиската помош требало да биде побарана од европскиот механизам за поддршка во периодот меѓу крајот на 2011 и почетокот на 2012 година и дека Централната банка вршела притисок врз владата на Христофиас.
Според него, одлуката за доделување на помошта, донесена од европските партнери на Кипар била политичка.
Тој на распитот пред комисијата уште го обвини и својот претходник на функцијата во Централната банка, Атанасиос Орфанидис.