Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за соработката меѓу двете земји и глобалниот одговор на конфликтот во Украина, но го искористи моментот и да се обиде да го убеди да го смени ставот за отпорот кон побараното членство на Шведска и Финска во НАТО.
Британските медиуми пренесуваат дека истакнувајќи ја заканата од Русија, Џонсон кажа дека Финска и Шведска ќе бидат вредно дополнување на НАТО.
Во соопштението од британската Влада се наведува дека Џонсон го охрабрил Ердоган да работи со финските и шведските колеги во НАТО за да се решат сите негови грижи пред самитот на Алијансата во Мадрид следниот месец.
Средбата следеше по јасната закана на Ердоган од пред три дена дека Турција ќе стави вето на апликациите на Финска и Шведска за членство во НАТО, затоа што „биле плодна почва за терористички групи“, имајќи ги предвид членовите на Курдската работничка партија, организацијата која од Анкара и многу други земји во светот е прогласена за терористичка.
Извор: МИА