„Во заложништво е најуспешната политика на Европската Унија, а тоа е политиката на проширување“. Ова е ставот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Според него, не треба да се подлегнува на провокации кои доаѓаат од Бугарија, а се со цел Македонија да биде виновна ако не добие датум за отпочнување на преговорите.
Османи и додава: „Ова не е наша битка за во ЕУ, туку битка и на ЕУ“. Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Радев кој кажа дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа, Османи кажа дека кај соседите има поединци кои сакаат блокадата да продолжи.
„Ваквите изјави се провокации. Јас мислам дека реков и во друга прилика, има чинители во Бугарија, не можам да го апострофирам на претседателот Радев, не само што сакаат блокадата да продолжи, туку и вината пред светот да биде наша. Затоа има обиди за провокација и блокада. За да наседнеме и направиме грешки во последните недели од процесот. Ако не само ние, да бидеме изедначени како виновници, заедно. Досега С. Македонија нема од никого забелешки за овој процес. Мислам дека овие недели и денови е важно да не наседнеме на провокациите кои се со цел да бидеме виновни и блокирани“, додаде Османи.
Прашан што доколку Македонија одново не добие датум за преговори, Османи вели дека одговор на ова дал и Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
„Борел тоа го кажа јасно како никогаш досега, дека ќе престои сериозна криза меѓу ЕУ и Западниот Балкан. Овој процес губи принципи врз кој е заснован. И кога се рушат принципите тогаш имате криза. Тоа го кажа Борел, не јас. Сепак сметам дека фокусот треба да ни е со француското претседателство да работиме. Јас реков дека политичкиот капитал се разретчува за да се истурка тежок процес. ЕУ никогаш нема да изгуби од нашата стратешка аспирација да станеме членка. Вакви кризи имавме во НАТО. Изгубивме доверба, но станавме НАТО. Ќе станеме дел од ЕУ, па ќе се потсетиме на овие тешки моменти. Треба да знаеме дека имаме шанса која тешко ќе ја имаме наредните години“, кажа Османи.
Тој посочи дека Македонија не се двоуми дали ќе добие поддршка од другите членки на Унијата.
„Немаме дилеми со било кого, освен со Бугарија. Така да, тој став не може да се наметне како европски и во тој дел нема ризик. Сметам дека треба да сме активни во тој дел за да ги објасниме позициите. Вархеј не најави доаѓање, тој го знае нашиот став, така што мислам дека и тој знае дека топката е кај Бугарија“
Во однос на побараните уставни измени и додавање на Бугарите во македонскиот Устав, Османи посочи: „Мислам дека и тие знаат дека тој процес не може да се врзе директно односно да се поврзе со уставни измени. Мислам дека има компромиси да се заврши тоа пред нашето членство. Мислам дека е добро решение, дека се свесни за тоа“.
„Се уште останува на констатацијата дека топката е кај Бугарија и дека таму треба да се консолидираат ставовите за тоа што понатаму. Ние кажавме што имавме и го формализираме во различни документи. Ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговараме. Очекуваме Бугарија да има консолидиран став од Владата. За жал комуникација има, но конкретни разговори, се додека не го чуеме консодилираниот став на Бугарија – нема“, додаде Османи.