ЕУ нуди пристап до заедничкиот пазар на земјите кандидатки, но под услови и можност за суспензија

Од:

Европската унија планира да им понуди на земјите кандидати постепен пристап до единствениот европски пазар и до европски програми и пред нивното полноправно членство, според нацрт-предлог на Европската комисија до кој дошол „Политико“.

Планот предвидува таканаречена „постепена интеграција“, која би опфаќала олеснето тргување, пристап до истражувачки програми и поголема индустриска соработка со ЕУ, додека земјите ги спроведуваат реформите потребни за членство.

Според документот, поблиската економска интеграција би зависела и од усогласеноста на кандидатите со надворешнополитичките и стратешките интереси на ЕУ. Пристапот до чувствителни сектори би бил поврзан со соработка во областа на инвестициите, извозните контроли, санкциите и заштитата на чувствителните технологии.

Меѓу секторите што се разгледуваат за продлабочена соработка се полупроводниците, квантните технологии, биотехнологијата, вештачката интелигенција и вселенската индустрија.

Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора, според нацрт-планот, би можеле да добијат „патокази“ за забрзување на пристапниот процес. За Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, процесот на пристапување се одвива подолго време.

Во документот се нагласува дека крајната цел останува полноправното членство во ЕУ, а постепената интеграција не треба да биде замена за пристапувањето.

„Пристапувањето, сепак, бара време: земјите кандидати мора да поминат низ ригорозен процес заснован на заслуги и да спроведат далекусежни и трајни реформи“, се наведува во документот.

Придобивките би можеле да бидат суспендирани или повлечени доколку земјите не ги исполнуваат преземените обврски.

Предлогот, кој го разгледува тимот на советникот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Александер Адам, предвидува и промени во начинот на функционирање на самата ЕУ во пресрет на идното проширување.

Европската комисија разгледува можност за поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство наместо едногласност, особено во области каде што одлуките може да бидат блокирани од една земја членка.

Фон дер Лајен во среда ќе го посети регионот на Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија и Косово. Според „Политико“, Северна Македонија нема да биде опфатена со забрзаниот пат предвиден за Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора.

Нацрт-прегледот се очекува да биде претставен пред високите претставници на ЕУ на 6 октомври, додека лидерите на земјите членки ќе разговараат за проширувањето и можните нови модели на интеграција на самитот во Брисел на 15 и 16 октомври.

Би можело да ве интересира

Нивниот став личи како да е дојден од некоја испорака од „Али експрес“, Мицкоски за обвинувањата од опозицијата

Филипче: Се сомневам дека оваа влада воопшто сака да го продолжи европскиот пат

Софија одговори на идејата ЕУ да биде вклучена во разговорите со Македонија, потсетува дека обврските остануваат

Фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна, отстапките се преголеми, но остануваме на е вропскиот пат, вели Мицкоски од Њујорк

Пет земји ставија печат на застојот во преговорите на Црна Гора со ЕУ

ВИДЕО: Трамп жестоко и се закани на Европа поради Канада

Катерина Ѓуровски